Одложено рочиштето за „Траекторија“ поради немање услови за снимање на судењето

Судењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за предметот на СЈО „Траекторија“ денеска беше одложено за 18 декември. Одбраната побара да има тонско и визуелно снимање на судењето, за, како што кажа еден од адвокатите, да бидат сигурни дека сè ќе биде точно внесено во записникот. Бидејќи немаше обезбедено снимање во судницата, рочиштето се одложи за 18 декември.

 

До 18 декември судијката Верка Петковска и судијата Горан Вошевски треба да обезбедат камера во судница како што бараат обвинетите. И во оваа постапка Груевски и останатите  побараа да не бидат снимени во судница од медиумите. Груевски истотого бараше и во случајот со насилството во општина Центар. Снимателите и фотографите со одобренија од Врховниот суд влегоа во судот, но за кратко им беше кажано дека ќе мора да излезат од судот бидејќи обвинетите не сакале да се фотографираат. Груевски е на суд и утре за случајот со насилството во општина Центар.

 

Во овој случај обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Сите тие денеска беа присутни на рочиштето. Груевски е обвинет за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, додека останатите тројца се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластувања.

 

Истрагата за кинеските автопати произлегува од 14. бомба на лидерот на СДСМ и премиер Зоран заев, кој објави прислушуван разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот премиер Никола Груевски.

 

Според СЈО, обвинетите во „Траекторија” во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги пречекориле своите овластувања. Со тоа тие нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра, а на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.

 

„Четирите лица во постапката ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки и постапиле спротивно на условите на кинеската влада и кинеската банка Ексим како заемодавач“, рече обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи на 22 мај годинава, кога беше отворена истрагата.

 

Во изјава за медиумите Груевски ги отфрли обвиненијата за сличајот „Траекторија“ и рече дека сѐ што се работело било согласно законот.

 

„Јас и моите колеги обвинети сме за нешто што го правела во минатото и сега го прави владата на СДСМ. Во минатото имаме случај при изградбата на хидроцентралата Козјак на ист начин и во иста постапка Владата земала кредит од Кина и ја исфинансирала градбата на Козјак. Сега на ист начин се направи анекс на договорот и тој анекс помина на Парламент. За нешто што го прават и го правеле во минатото ние сме обвинети, па сега вие видете. Сѐ што направивме беше согласно закон и Парламентот имаше увид на сѐ и сето тоа го прифати. Гласаа сите пратеници, вклучувајќи ги и пратениците на СДСМ“, рече Груевски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.