Груевски: Не сум нарачал шамари, ме судат за искршени прозори

Денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013, случај во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште десетина други лица, се снимаше со две рачни камери, откако вчера и денеска адвокатите на одбраната побараа и добија одложување на рочиштата за случаите „Траекторија“ и „Тотал“, бидејќи немаше услови за визуелно-тонско снимање на постапката.

 

Како што појасни судијката Татјана Михајлова, судењето се снима со две рачни камери, но само визуелно, не и тонски, на што следеше приговор од одбраната на Груевски кој беше одбиен.

 

 „Судот располага со ваков вид опрема. Доколку ги видите претходните записници, јас имам кажано дека немало можност да се снимаат рочиштата“, рече Михајлова.

 

Поранешниот премиер Никола Груевски рече дека станува збор за политички прогон затоа што на суд се за неколку искршени стакла.

 

„Замислете во 21 век одиме на судење за протести на кои се искршиле стакла и сега бараат организатор на протестите. Апсурдна е ситуација зошто сведоци се нашите политички противници“, рече Груевски.

 

На прашањето дека во снимките има нарачка на шамари, Груевски рече дека ниту нарачал, ниту имало такво нешто.

 

На денешното рочиште сведочеше поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, кој рече дека во судницата препознал двајца од насилниците. Поранешниот градоначалник на општина Центар денеска одговараше само на прашања на обвинителите на СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, по што рочиштето беше прекинато бидејќи обвинетата Рангелова имала обврски.

 

На следното рочиште, кое е закажано за 18 декември, Жерновски ќе одговара на прашања на адвокатите на одбраната.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien