Во повод чествувањата на државниот празник „Климент Охридски“ и патрон на основното училиште „Климент Охридски“ од Прилеп денеска делегација од училиштето составена од наставници и ученици како и делегација на Општина Прилеп, предводена од претседателот на Советот, Миле Талески, положија свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов Ченто во центарот на градот, а свежо цвеќе беше положено и на Могилата на непобедените.
Според наставниците од ООУ „Климент Охрдиски, кое годинава одбележува и 55 години од своето постоење, делото на Св. Климент е огромно затоа што тој го формирал првиот универзитет на Балканот, а кој можеби бил е прв универзитет во целиот свет.
„Св. Климент Охридски од историските извори знаеме дека бил првиот словенски епископ на територијата на Македонија. Неговото значење е огромно поради тоа што го шири христијанството на словенски јазик, преведува многу дела кои дотогаш биле напишани на грчки јазик. Покрај тоа што бил свештеник тој бил и учител. Огромно е неговото значење поради тоа што тој го основал првиот универзитет кој е прв не само на Балканот туку можеби и во светот. Сметаме дека денес ние како просветни работници ќе го продолжиме неговото дело“, истакна Каролина Јовеска, професор по историја.
Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талески на учениците и вработените во ООУ „Климент Охридски“ им го честиташе патрониот празник и порача делото на Св. Климент Охридски да биде водилка за инвестирање и унапредување на образованието во Прилеп и Македонија.
„Денеска го одбележуваме празникот „Св. Климент Охридски“ со голем број на активности и манифестации од страна на локалната самоуправа и ООУ „Климент Охридски“. Сакам во мое име и име на локалната самоуправа и Советот на Општина Прилеп на вработените и учениците да им го честитам патрониот празник. Св. Климент Охридски како основоположник на првиот универзитет во Охрид нека биде нашиот мотив и водилка во ова наше ново модерно време да инвестираме во образованието и образованието да биде водилка во развојот на Прилеп и Македонија“, изјави Миле Талески, претседател на Совет на Општина Прилеп.
Во рамки на чествувањето по повод празникот училиштето организираше ораторска вечер, литературни читања, спортски манифестации, а вечер со почеток во 18.30 часот во народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи и Свечена академија.