Во Прилеп се одржа Саем за вработување и кариера

Мухрем Мамедов беше еден 20 мината Роми од Прилеп кои денес добија сертификат за помината обука за градежни работи во рамки на проектот „Одржливи модели за вработување на Ромите”,  чии реализатгори се „Хабитат Македонија“, заедно со невладините организации ДРОМ од Куманово и „Креација“ од Скопје. Тие денеска во Прилеп го одржа „Саемот за вработување и кариера“ на кој на 20 припадници од ромската националност им беа врачени сертификати за завршени обуки за 4 градежни дејности.

 

Мамедов вели дека сега конечно се надева да најде работа бидејќи досега бил невработен.

 

„Јас се одлучив да ја посетувам обуката за изработка на ПВЦ дограма и треба сега да го добијам сертификатот. Обуката одеше одлично и се беше во ред. Се надевам дека со овој сертификат ќе добијам некаква работа, затоа што досега бев невработен. Мислам дека изработката на ПВЦ дограма моментално е барана работа на пазарот на труд“, вели Мухрем Мамедов, добитник на сертификат.

 

Целта на овој проект била одржливо интегрирање на пазарот на трудот на Ромите но и другите маргинализирани лица кои подолг период не се вработени.

 

„На овој саем за вработување и кариера каде ќе ги доделиме сертификатите за 4 градежни вештини, ѕидарство-фасадерство, гипсарство и ПВЦ монтажа на прозорци и врати. Со овој проект со вештини се стекнаа 80 лица во Прилеп и Куманово, а денеска 20 од нив во Прилеп ќе добијат сертификат за положен стручен испит. На почетокот се отвори јавен повик, имавме јавни средби со лицата заинтересирани за проектот им го кажавме моделот и заинтересираноста беше огромна. Првично проектот беше отворен за долгорочно невраборените Роми“, кажа Александар Савеска, проектен кординатор на „Хабитат Македонија“.

 

 

Од НВО ДРОМ потенцираа дека целта на овој проект била во него да се вклучат што е можно повеќе Роми на пазарот на трудот и истите да станат активни баратели на работа.

 

„Другата цел пак беше Ромите кои се вклучени во неформални активности да ги вклучиме и нив и тие да имаат сертификат, да бидат конкурентни и активни баратели на пазарот на труд. Овде во моментов има 40 луѓе кои ги завршија тие сертификати, лица кои работат и се активни неформално. Со самиот сертификат тие преку други програми кои што ги нуди АВМР ќе имаат можност да се вклучат, да конкурираат и да отворат свои бизниси“, кажа Ахмет Јашаревски НВО ДРОМ од Куманово.

 

Од НВО „Креација“ овој модел вклучувал во себе и тренинг како Ромите да бараат работа и како да преговараат со работодавачите. Започнавме со 200 луѓе, 100 од Прилеп и 100 од Куманово. Понатаму 80 од нив заедно, 40 со 40 отидоа на обука во 4 занимања, плус 20 жени им се приклучија во меките вештини. И на крај 40 од нив аплицираа и го добија сертификатите за одредена професија. Во овој модел се предвидува спојување со работодавачите, за одредени лица веќе има побарувачка и ќе бидат вработени. Но во градежништвото квалификуваните работници се почесто избираат да не бидат вработени туку да бидат платени по учинок. Оние пак кои имаат сертификати одат и во Европа каде работат по неколку месеци“, истакна Ристо Иванов, претседател на здружение на бизнис и консултанти „Креација“.

 

Градоначалниот на Прилеп, Илија Јованоски, истакна дека Општина Прилеп ќе застане зад сите овие проекти кои даваат поддршка за подобрување образованието и вработувањето на Ромите.

 

„Денеска имавме панел дискусија за статусот на Ромите во нашиот град и за нивното вработување кое што треба да следи во иднина за да се отстапи од оној стереотип кој досега постоеше во врска со образованието и вработувањето на Ромите. Заедно со „Хабитат Македонија“ беше поткренато ова прашање како можи на најлесен начин да се дојде до вработување на Ромите. Тие не смеат да бидат отстранети или држани понастрана како од образованиот процес така и од пазарот на трудот во нашата држава. Ромите мора да го најдат местото во заедницата затоа што нивниот начин на живот за жал е малку поинаков од сите други граѓани во нашиот град. Општина Прилеп ќе застане зад сите овие проекти кои даваат поддршка за образованието и вработувањето на Ромите во нашиот град“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

 

Целиот проект е финансиран од страна на Европската унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien