Објавени се артистите и бендовите кои ќе бидат примени во Рокенрол куќата на славните, а листата ја предводи американската рок група, Bon Jovi.
Рок легендите Bon Jovi ќе бидат на врвот на листата на новите артисти кои ќе бидат примени во Рокенрол куќата на славните во 2018 година.
Покрај нив, тука се наоѓаат уште два рок бенда од 80-те, Dire Straits и The Cars, како и легендите на прогресивниот рок, Moody Blues, а листата ја заокружува покојната џез и соул пејачка, Нина Симон.
Како продолжение на вечерта, на рок пионерката Систер Розета Тарп постхумно ќе ѝ биде доделена наградата за Рано влијание, поради посебните придонеси на пејачката кон развојот на рок музиката.
Она што останува неизвесно е присуството на поранешниот гитарист на Bon Jovi, Ричи Самбора, кој ја напушти групата по лошите односи на турнејата Because We Can во 2013 година. Сепак, за време на номинациите за влез во Куќата на славните тој рече дека ќе свири заедно со фронтменот Џон Бон Џови, и покрај лошите односи меѓу двајцата.