Најважниот пакет на реформи, оние во правосудството, кои треба да ги спровeде Македонија за да ја врати правната држава од која произлезе и целата криза во општеството, деновиве е мета на критики од стручната јавност. Реформите одат пребавно, Советот за реформи е само декор, а сугестиите на членовите речиси и да не се прифаќаат.
Оставката на професорот Гордан Калајџиев ја отвори пандорината кутија со изјавата дека некои чудни центри на моќ работат на реформите без транспарентност.
На иста линија е и професорката Мирјана Најчевска која ги потврди изјавите на својот колега дека членовите се соочиле со техничка неорганизираност, како и неможност да бидат креатори на реформскиот процес. Најчевска не ја исклучи можноста за нејзина, како и за колективна оставка.
Од друга страна, професорот Љубомир Фрчкоски кој исто така е дел од реформскиот состав вели дека Комисијата во министерството за Правда сака да биде носител на реформите со што ги презема ингеренциите на Советот. Ваквите постапки на комисијата, според Фрчкоски, може да ја компромитираат идејата на Владата за вистински реформи во судството.
„Идејата на советот е да ги креира реформите во основа, а не да ги расправа владините идеи и идеите на правда. Во правда се формирала некој група, бирократска позади која сака да биде главна во овие реформи, а нема капацитет и способност за тоа. Веќе се појавуваат критиките за спорости, немање курс воопшто во таа реформа“, вели проф. Љубомир Фрчкоски, ;лен на Советот за реформи во правосудството
Поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека групата во Советот за реформи во правосудството во која се работи на Законот за судски совет и Законот за судови, а каде таа е членка, постојано е во заседание.
„Јас можам да зборувам само за онаа група каде што јас сум член. Во самиот почеток кога се формираше овој совет, имаше период во кој подолго време бев отсутна од седниците. Меѓутоа, дека има проблеми, има. Се обидуваме сега да ги расчистиме и да ги детектираме. Се со цел ефективно како совет да придонесеме во она што значи потреба на државата во промена на легислативата“, вели Цаца Николовска.
Инаку владиниот совет за реформи во правосудството e формиран во јули оваа година како дел од акцискиот план за реформи наречен 3-6-9.