Димитров: Државен консензус за името и референдум

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија ќе ги спроведе сите неопходни реформи за добивање датум за преговори со Европската унија, но решението за разликата што Грција го има со нашето уставно име не зависи само од земјава, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

 

Тој не сакаше да коментира решенија што се објавуваат во грчката јавност, бидејќи ќе им наштети на разговорите под медијаторство на Нимиц, а притоа беше дециден дека мора да има референдум за името.

 

„Прашањето има таква природа што јас мислам дека не може да се реши одржливо, ако не се прашаат граѓаните. Мислам дека граѓаните мора да се прашаат, во интерес на одржливо решение“, изјави шефот на дипломатијата.

 

Изјавата на грчкиот министер за одбрана Панос Камонс, чија партија Независни Грци е помал коалициски партнер во грчката Влада, дека нема да прифати зборот „Македонија“ да биде содржан во името на северниот сосед, ја оцени како изјава од некој друг век.

 

„Сметам дека таквите изјави не водат кон решение, факт е дека наша грижа треба да биде што ние од наша страна можеме да направиме. Наша одговорност е ние да постигнеме национален консензус. Кој, какви ставови има во владината коалција во Грција е нивна одговорност. Ова е 2017 година, ние сме во Европа и таквиот став не е соодветен и не оддалечува од намдинување на проблемот“, вели Димитров.

 

Македонија мора да го зграпчи моментот и во наредните шест месеци да постигне некакво решение со Грција, за идната година да почне преговори со ЕУ. Унијата не може да врши притисок врз Грција, оцени австрискиот професор Флоријан Бибер.

 

„Она што треба да се случи е да имаме поддршка од членките на ЕУ, но и од САД за создавање клима со која владите ќе бидат комотни со решение во интерес на двете држави“, вели Бибер.

 

Според професорот, дел од земјите- членки на Унијата сѐ уште се скептични за проширувањето, па Македонија само со спроведување на реформите во наредните шест месеци може да ги убеди дека заслужува почеток на преговорите за членство.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи