СЈО отвора седум нови истраги против 17 лица

Facebook
Twitter
Email
Print

Специјалното јавно обвинителство денеска објави дека отвора седум нови истраги против 17 лица осомничени за злоупотреба на службената должност измами и други кривични дела.

 

Првиот случај е со кодно име „Странски служби“, рече обвинителката Фатиме Фетаи. Во него се осомничении две лица за злоупотреба на службена положба и овластувања. Едниот е тогашен началник на одделот за оперативна техника на УБК, а вториот помошник министер. Тие се осомничени дека извршиле набавка на опрема од странска компанија во рекордно време со која го оштетиле буџетот. Целта на набавката била да се потврди тезата на тогашниот владин врв за постоењето на странски служби кои вршат масовно прислушување.

 

Фетаи објасни дека постапката е почната по барање на второосомничениот, кој на 16 декември 2014, побарал набавка на предметната опрема, а првоосомничениот на 19 декември донел одлука, составил комисија и самоиницијативно подготвил три понуди како да се поднесени од странски компании, а тие биле рачно пополнети од исто лице.

 

На 24 декември 2014 година е донесена одлука за најповолна понуда и е склучена со странската компанија, која претходно го изготила споменатиот извештај, односно со нејзин претставник кој, како случајно, баш тој ден бил во Скопје. Опремата била испорачана во мај 2015.

 

Вториот случај е под кодното име „Друмарина“ и е за над 100.000 евра незаконски земени пари за патни трошоци од поранешна пратеничка.  Како што рече Фетаи, пратеничката од 25 јуни 2011 до 26 декември 2015 поднесувала лажни фискални сметки, како да патувала за присуство на седници на парламентот. Но, од доказите што ги добило СЈО, излегува дека таа имала сместување во Скопје и не ги остварила патувањата, рече Фетаи.

 

Пратеничката доставила сметки за 843 патувања со сопствено возило, од местото на живеење по лични документи до СКопје.

 

„Доставената анализа покажува дека доколку патувањата биле реално остварени, нејзиното возило требало да измине 235.928 километри а реалната состојба е 133.520 километри за тој период. Ова е доказ дека не ги направила реално трошоците и противправно стекнала 5.920.000 денари, односно речиси 100.000 евра за патни трошоци“, рече обвинителката.

 

Во истрагата „Рентген“, е осомничен тогашниот министер за здравство за злоупотреба при набавка на рентген и други радиолошки апарати за 4 институции. Во текот на оваа  постапка, фаворизирал една од фирмите, и пред официјалниот почетот на постапката, овозможил таа фирма да добие детални инсајдерски информации за јавната набавка. Во јануари 2015 беше објавено дека станува збор за фирма на една новинарка и за нејзината мајка.

Осомничениот наместо да ја поништи постапката, ја продолжил и спротивно на законот за јавни набавки склучил договор со второпласираниот на тендерот за 860.000 евра.

 

Следната истрага е „Продуцент“, во која има сомневање дека од 2009 до 2012 година тогашниот министер за земјоделство склучил договор со „Смарт Центар“ ДООЕЛ Скопје за 50.000 евра за продукција на емисијата „Бојата на парите“ на телевизија „Сител“. Договорот е без постапка за јавна набавка, а ваков продуцентски пакет без јавна набавка може се нарача единствено од радио или телевизиска куќа, рече Фетаи. Парите се исплатени, без доказ за извршена услуга, на  „Смарт Центар“ ДООЕЛ Скопје.

 

Истрагата Лидери“ е отворена од прислушуваниот разговор меѓу двајца лидери на политички партии, за договарање за уривање бесправни објекти. Осомничен во овој случај е инвеститорот на објектот, односно куќата изградена меѓу ноември 2011 и септември 2013 спроти Амбасадата на САД.

 

Шестиот случај кој денеска го објави СЈО е „Тарифа 2“, се однесува на злоупотреба околу инсталирањето на софтверот во ЕЛЕМ. Истрагата е против истото лице од предметот„ Тарифа“, но за други две дела на злоупотреба на службата. Вкупната штета по двете дела е 218.880 евра, кои биле исплатени на фирма од Чешка.

 

Седмиот и последен случај објавен денеска е „Транспортер 2“, во кој повторно се осомничени поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, секретарот на општината, петмина превозници и тројца директори на основни училишта, кои не се дел од првиот „Транспортер“.

 

Според Фетаи, тие  во учебната 2009-2010, овозможиле еден превозник незаконски да стекне корист од 230.000 денари, а за учебната 2010-2011 година, овозможиле пет превозници незаконски да си наплатат 1.643.583 денари на име превоз на ученици.

 

Извор: МЕТА

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи