Германски грант од девет милиони евра неповратни средства за два проекта во Македонија

Владата на Сојузна Република Германија денеска и додели грант од девет милиони евра на македонската Влада преку КфВ банката, од кои четири милиони евра се наменети за проектот Програма за наводнување на јужната долина на реката Вардар, а пет милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во општините Гевгелија и Кавадарци. За таа намена денеска во Владата беше потпишана Спогодба за финансиска поддршка меѓу владите на двете држави и два договора за грант.

 

„Најсилна потврда дека успешната соработка меѓу нашите земји продолжува и во следниот период е денешниот настан на кој германската Влада преку КфВ банката доделува девет милиони евра неповратни финансиски средства за реализација на две значајни развојни програми за Република Македонија“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски по потпишувањето на договорите.

 

Тој посочи дека досега со германска помош преку Програмата за водовод и канализација се обезбеди одржливо водоснабдување на околу 400 илјади жители од општините Битола, Гостивар, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Радовиш, Кочани и Тетово.

 

Германскиот амбасадор Томас Герберих, кој ја потпиша Спогодбата за финансиска поддршка, истакна дека Германија од 1999 година на Македонија и има ставено на располагање 320 милиони евра за реализација на бројни проекти кои придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните.

 

Директорот на КфВ банката за Македонија Рене Еешеман истакна дека со финансиската помош ќе се подобри системот за наводнување на јужната долина на реката Вардар за нови седум илјади хектари и дека ќе биде одржлив и ефикасен.

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека грантот од четири милиони евра за Програмата за наводнување на јужната долина на Вардар е од витално значење за македонското земјоделство.

 

„Се работи за проект чија што основна цел е да ги подобри условите за живот на населението во јужната долина на Вардар преку одржливо управување со природните ресурси, особено водните, што на крај ќе придонесе кон зголемување на просечниот интензитет на засаденост и зголемување на приносите на главните култури“, рече Николовски.

 

Посочи дека во првата фаза од проектот беа изградени четири модерни системи за наводнување – Паљурци, Миравци, Негорци/Прдејци и Удово на површина од околу 2.600 хектари, а во втората фаза за која е доделен денешниот грант се планира да се изгради систем за наводнување што ќе покрие површина од 2.050 хектари во регионот на Валандово. Најави дека во текот на наредниот месец се очекува да биде објавен тендерот, а изведбата на градежните работи да почне во првиот квартал од следната година.

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески порача дека основна програмска определба на Владата е да обезбеди високо ниво на покриеност со водоводна и канализациска мрежа. Додаде дека уште на првата средба со претставниците на КфВ банката разговарале за потребата од дополнителни инвестиции во неколку општини со цел да се подобри водоснабдувањето во нив.

 

„Како резултат на таквите разговори е денешниот Договор со кој Банката доделува грант во висина од пет милиони евра наменет исклучиво за подобрување на водоснабдувањето во општините Гевгелија и Кавадарци“, кажа Сугарески и додаде дека овие две општини и претходно користеле средства од КфВ банката.

 

Денешниот Договор, нагласи, значи и започнување на еден нов циклус на нови инвестиции во водоводната и канализациската мрежа во секое населено место каде се јавува таква потреба. Информира дека за оваа намена на располагање остануваат и уште три милиони евра обезбедени преку заем од КфВ банката и 500 илјади евра од Буџетот кои се наменети за проекти за водоснабдување за општините Радовиш, Кавадарци и Гостивар

.

„Потпишувањето на денешниот договор практично е продолжување на нашата соработка со Владата на СР Германија која досега преку КфВ банката обезбеди средства во висина од 10,6 милиони евра за проекти во општините Битола, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Кочани,Неготино, Радовиш и Тетово“, рече Сугарески.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien