Владата на вчерашната седница донесе одлука за доделување финансиски срeдства на повеќе државни студентски домови за да се надоместат долговите и преостанатите режиски трошоци до крајот на годината.
Министерството за образование и наука во јуни соопшти дека Државниот студентски центар „Скопје“, под чија закрила функционираат студентските домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ имаат долгови од 4,5 милиони евра.
Согласно податоците за неподмирени и преземени обврски на ДСЦ „Скопје“ до 31 мај, долговите достигнуваат 282.754.637,00 денари. Од нив, за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт долгот е 101.720.685 денари или 1,6 милиони евра.
„Доколку, раководството на ДСЦ „Скопје“ – Скопје, навреме ги подмируваше долговите и обврските, немаше да се доведат студентите кои се сместени во Студентскиот дом ’Гоце Делчев’ но и во останатите студентски домови да ги подготвуваат испитите во темница, и да стравуваат дека ќе останат без електрична енергија или вода за пиење и елементарни услови за престој во објектите“, соопштија од Министерството за образование пред неколку месеци.
Министерството претходно информираше дека договориле исплата на долгот со ЕВН Македонија и дека е надминат проблемот со електричната енергија во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.