По вчерашните труења на кучиња од страна на несовесни граѓани во центарот на Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски денеска оствари итна средба со надлежните служби од ЈКП, „Комуналец“ и претставници на полицијата. На состанокот беа договорени мерките што ќе бидат спроведени во наредниот период за да се спречи ваквата појава. Градоначалникот Јованоски упати апел до граѓаните да не употребуваат отров за уништување на уличните кучиња.
„Вчера имавме дојава од загрижени граѓани за две отруени кучиња во центарот на градот. Поради безбедноста на граѓаните од нашиот град денеска остварив средба со директорот на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп и полицијата за да се усогласиме и координираме околу начинот на понатамошната работа како да се справиме со овие проблеми. Ги повикувам сите институции да се превземат сите можни активности затоа што децата и граѓаните во Прилеп треба да бидат безбедни и да нема повеќе вакви случаи“, истакна градоначалникот Јованоски.
Од ЈКП „Комуналец“ велат се преземаат сите мерки за брза и соодветна интеревенција.
„Ова е доста позитивен состанок, да го подигнеме степенот на соработка меѓу надлежните институции на едно повисоко ниво. Упатувам апел до сите сопственици на кучиња, своите миленици да не ги пуштаат слободно да шетаат низ градот“, изјави Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Претставниците од полициската станица од Прилеп ги повикаа граѓаните доколку забележат некое лице кое поставува отров за кучиња веднаш да го пријават на телефонските број 192.
Од ЈКП „Комуналец“ најавија дека утре професори од Ветеринарниот факултет од Скопје треба да им одржат предавање на вработените во шинтреската служба околу начинот на хумано заловување на кучињата.