За 23 пати се намалува цената на државното градежно земјиште во 58 општини. Цената ќе биде фиксна -70 денари но ќе важи само за дооформување на градежни парцели и изградба на објекти од социјална категорија за згрижување на стари лица, деца без родители и студенти и ученици – ова го соопшти на прес конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Одлуката за намалување на цената е дел од нашите реформски цели со кои сакаме да го стимулираме градежниот сектор. Истовремено ова е значајна социјална мерка со која ќе се овозможи згрижување и подобрување на условитре за домување и престој“, изјави Сугарески.
Додаде дека со оваа мерка исто така ќе се стимулира приватниот сектор, ќе се привлечат нови инвеститори, а ќе придонесе и за локален економски раст и порамномерен развој во државата.
Изборот на општините, потенцира, е направен врз основа на проценките за интерес за изградба на објекти за ваква намена, но и потребата да се поттикне развојот во одредени општини.
Досегашните цени, кои за овие реони изнесуваа од 1.600 до 400 денари за населено и воннаселено место, во различни општини. Одлуката за законските корекции на цените за градежно земјиште и постапките за негово отуѓување Владата ги донела на последната седница.