Штрајк на вработените во „Трансмет“, три месеци се без плата

Facebook
Twitter
Email
Print

Веќе петти ден вработените од градежното претпријатие„ Трансмет“ се во штрајк, поради неисплатени плати за месеците септември,октомври и ноември како и неисплатени придонеси и К-15. На дел од вработените на средба со газдата на „Трансмет“ Сеад Кочан им било речено дека компанијата нема пари и дека државата ѝ должи 3 милиони евра.

 

Работниците на „Трансмет“, кои работат како подизведувачи на автопатот Кичево Охрид, вчера ги запреа машините и го блокираа патот до дирекцијата на компанијата во кичевски Извор. Одбиваат да ги извршуваат работните задачи се додека не им се исплатат платите и придонесите. Велат дека плата не земале од септември, а дека од февруари годинава постојано им доцнела.

 

„Поради неисплатени три плати како и неисплатен надоместок за К-15, веќе петти ден сме во штрајк кој ќе трае се додека не се исполнат нашите барања. Нашето незадоволство го изразуваме и со секојдневна тричасовна блокада на патот кон село Извор и останатите села од овој регион. Во текот на денешниот ден не посети еден од директорите на „Трансмет“, кој вети дека најдоцна до утре попладне ќе ни бидат исплатени плати за септември и за октомври, а останатите плати ќе ги добиеме наскоро. Нашиот став е јасен. Без чисти сметки, односно целосна исплата на заостанатите обврски, штрајкот нема да го прекинеме“, рече Горан Аризанкоски, претседателот на штрајкувачкиот одбор.

 

Инаку, во „Трансмет“ на автопатот Кичево-Охрид се ангажирани 150 работници кои ги извршуваат работите на дел од новата траса.

 

Оваа градежна компанија редовно ги добиваше државните тендери за градежни активности од најразличен вид. „Трансмет“ ја изгради фонтаната прскалка на плоштад, го гради бизнис центарот „Емпорио“ во Ѓорче Петров, учествуваше во реконструкцијата на фасади низ Центар во барокен стил, а кинеската компанија „Синохидро“ ја вклучи како подизведувач во изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Компанијата беше редовен носител и на тендерите на АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, за што и заработи обвинение од Специјалното јавно обвинителство.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи