Амбасадорот Гарет му врачил писмо на Заев со поддршка од Тереза Меј

Премиерот на Република Македонија претпладнево се сретнал со амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, кој на Заев му врачил писмо од британската премиерка Тереза Меј за самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Лондон во јули следната в година, информираат од службата за односи со јавност на Владата.

 

Самитот за Западен Балкан ќе се одржи во Лондон во јули следната година, во рамки на Берлинскиот процес, чија што цел е поддршка на Западен Балкан во напредокот и стабилноста.

 

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, во писмото потсетува дека лидерите, на Самитот во Трст се согласија дека интеграциите се „стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, сигурноста и стабилноста на Европа во целост“ и додава дека Велика Британија е подготвена да помогне со експертизи и со искуствата, заедно со европските партнери и Европската комисија за посилен прогрес.

 

„Продолжуваме да го поддржуваме регионот на евро-атлантскиот пат и да работиме со вашата Влада, со европските партнери и со другите влади од регионот во градењето просперитет, сигурност и стабилност, во подготовката на нашиот Самит во 2018 година и пошироко“, посочила Меј.

 

Заев се заблагодарил за поддршката што ја дава Велика Британија на Република Македонија и на целиот Западен Балкан, многу важна за развојните и интеграциските процеси и на Македонија и на целиот регион. Премиерот најавил дека нашата држава ќе даде активен придонес во сите посочени важни прашања што ќе бидат тема на самитот.

 

„Стратешки цели на Република Македонија се интеграциите во Европската Унија и НАТО. Свесни сме дека само заедно, како регион, низ добрососедска економска и политичка соработка можеме да обезбедиме напредок и да придонесеме кон безбедноста и развојот и за државите и во поширока смисла и јас како премиер и Владата на Република Македонија силно се посветени на овие цели и процеси“, додал премиерот Заев.

 

На состанокот се разговарало и за важноста на потребните внатрешни реформски процеси, посебно во делот на независноста на правосудството и владеењето на правото.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien