Одлуката за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски одложена за 5-ти јануари

Facebook
Twitter
Email
Print

Судот во Солун го одложи донесувањето на одлуката за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски во Македонија за 5 јануари следната година.

 

Судот во Солун денеска требаше да ја соопшти одлуката за барањето на Македонија да бидат екстрадирани Грујевски и Бошкоски, кои во земјава се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување опрема за прислушување. Но во судот во Грција немало кој да ја прочита одлуката на македонски јазик, па затоа одлуката ќе биде соопштена на почетокот на идниот месец.

 

Пресудата за екстрадицијата следува по рочиштето одржано во средата, на кое што сведочеше поранешниот претседател на комисијата за справување со дискриминација, Александар Даштевски.

 

Грујевски и Бошкоски се обвинети од СЈО за предметите „Тврдина“ и „Таргет“, а беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта. Нивната намера беше да ја избегнат мерката притвор што им беше одредена откако СЈО поднесе обвиненија поради незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР, како и за физичко уништување на дел од таа опрема.

 

Освен за екстрадицијата, за Грујевски и Бошковски во Грција се водат уште два други процеси, еден за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на аеродромот во Солун, а другиот е за нивното барање за азил.

 

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи