Од денеска во Валандово почнува дводневниот изборен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за избор на нов лидер на партијата. Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е единствен кандидат за наследник на Никола Груевски, кој поднесе неотповиклива оставка.
За нов лидер на партијата биле поднсени две кандидатури, но прифатена е само кандидатурата на Мицкоски, бидејќи другата не била валидна. Втората кандидатура не била прифатена, бидејќи, како што наведуваат од партијата, била поднесена без потписи, а името на вториот кандидат не се соопштува.
„Членовите на Централниот комитет на вчерашната седница беа информирани оти согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ доставил целосна документација до партиската правна комисија“, се наведува во партиското соопштение.
Мицкоски вели дека трката ја водел демократски и дека има програма каде го гледа ВМРО-ДПМНЕ во иднина.
„Ние сме биле обединети и единствени, сме обединети и единствени и така и ќе продолжиме во иднина. Повторно ќе кажам, стнаува збор за една прекрасна плејада на мои колеги, сопартијци, со кои во минатото сме имале исклучително добри резултати и така и ќе продолжиме во иднина. Сите оние кои ме познаваат како човек, знаат каков човек сум, така што апсолутно, различните мислења кои ќе значат додадена вредност и за себе, и за политиките кои ќе ги водам се добредојдени, доколку тие се аргументирани со факти“, изјави Христијан Мицковски, кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од членовите на Извршниот и на Централниот комитет и натаму се на ставот дека конгресот не ги исполнува демократските стандарди. Илија Димовски, еден од потписниците на иницијативата за пролонгирање на конгресот за два месеца, се откажа од трката. Вели дека секогаш може да има различни мислења во партијата и мора да го научиме тоа. Никола Попоски кој се споменуваше како кандидат за лидер на партијата, поднесе оставка од партиските функции. Иако ги собра потребните потписи, и Филип Петровски се повлече од трката.
„Оставката од ИК ја поднесов поради разлики во видувањата за изборните резултати, разлики околу начинот на носење долгорочни одлуки и чувството дека тие водат кон внатрепартиски поделби, кои воопшто не ни се потребни. Ценам дека задржување на единство и фокус на повисоки цели мора да биде над било чии лични амбиции. Член сум во неколку партиски републички комисии и тоа во комисиите за надворешни работи, за европски работи и за одбрана“, напиша Попоски на Фејсбук.
Се уште не се знае дали иницијаторите за одложувањето на конгресот ќе заминат во Валандово, каде што утре треба да гласаат за новиот лидер. Потписници на писмото за одложување досега се педесет лица, а 37 од нив се и делегати кои имаат право на глас.