Новогодишниот дух и празничната магија, полека, но сигурно стануваат дел секојдневието на Прилеп. Потврда за тоа се големиот број на културни манифестации кои се одржуваат во градот по повод претстојните празници. Вечерва по 22-ри пат основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп го одржа својот традиционален новогодишен концерт, во народниот театар „Војдан Черднодрински“, на кој учениците се претставија со повеќе дела.
„Секоја година ООУМ „Ордан Михајлоски – Оцка“ одржува предновогодишен концерт за да се прикажат достигнувањата и успесите на нашите ученици. Една од целите на концертот е музиката да не е исклучиво сериозна, ќе имаме и презентација на популарна музика за да се создаде една убава предновогодишна атмосфера. Исто така имаме и божикни песни за да целиот настан биде атрактивен за публиката“, вели директорката на ООУМ „Ордан Михајлоски – Оцка“, Ролина Тутеска Димеска.
Директорката вели дека во последно време заинтересираноста на младите за посета на музичкото училиште била доста голема. Моментално училиштето го посетувале 363 ученици.
„За уште поголема промоција на училиштето моите планови за во иднина се организација на што е можно повеќе семинари, да се шири училиштето во смисла на тоа да се организираат ревијални вечери, разни настапи, концерти и да се иима поголема соработка со другите градови. Она што ни недостасува во овој момент е помала сала за интерни часови и помали концерти. Години наназад го доставуваме тоа како барање, но не се реализираше. Училиштето сега е целосно реконструирано, но на Прилеп му недостасува една концертна сала и таа треба да се изгради во најскоро време“, додава Ролина Тутеска Димеска, директорка на ООУМ „Ордан Михајлоски – Оцка“.
Учениците се претставуваа со повеќе инструменти како клавир, виолина, флејта, труба, кларинет, хармоника, народни инструменти и соло пеење.
„Јас учам виолина веќе 8 години. Виолината мислам дека го дава најубавиот звук токму затоа и ја одбрав како инструмент. Вечерва ќе се претставам со делото „Мал виенски марш“ од Крајслер. Имам учествувано на многу државни и меѓународни натпревари. Сум добивал многу први, втори и трети награди. Мојата идна цел е да настапувам во странските земји како врвен виолинист“, вели Леонардо Димоски, ученик во ООУМ „Ордан Михајлоски – Оцка“.
„Јас веќе 4-та година сум во музичкото училиште во Прилеп. Свирам саксафон, затоа што уште како мал го гледав мојот татко како свири на саксафон и затоа и јас се одлучив за овој инструмент. Настапувам на полно концерти, сега бев и на еден меѓународен натпревар каде освоив прва награда во камерна музика, а оваа година добив исто така и награда на еден државен натпревар. Идна цел во животот ми е ако веќе продолжам да свирам на овој инструмент и професионално да се занимавам со тоа“, рече Мирослав Миленкоски, ООУМ „Ордан Михајлоски – Оцка“.
Концертот го проследи и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јоаваноски.