Само 18 отсто од граѓаните се задоволни од услугите на јавната администрација, соопшти денеска Центарот за европски стратегии „Евротинк“ презентирајќи истражување спроведено со Македонската платформа против сиромаштијата пред претставници на Министерството за информатичко општество и администрација.
„Само 18 отсто од граѓаните се задоволни од услугите на јавната администрација. Поединечно по институции, најзадоволни се од работата на Министерството за внатрешни работи, односно од службите за издавање патни исправи, додека најмалку се заодоволни од работата на центрите за социјална политика“, посочи Дијана Жупановска, од Центарот за европски стратегии Евротинк.
Шеесет и три посто од граѓаните сметаат дека треба да имаат врски за да добијат некоја услуга во јавната администрација.
„Сето тоа укажува на клиентелистичкиот однос и недостапноста на услугите за сите граѓани. Ова се должи пред се на недостигот на финасиски и човечки ресурси“, изјави Жупановска.
Истражувањето денеска им беше презентирано на претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, а понатаму планирано е да се оди до надлежните министерства со цел да се посочат проблемите содржани во него.