Носител сум на висока функција и убеден сум во мојата невиност, рече претседателот на Владата, Зоран Заев, по одложувањето на денешното рочиште за случајот „Поткуп“.
„Сакам снимката да биде јавно обелоденета со деловите каде што е пресечена“, истакна Заев и додаде дека му е важно да го зачува образот.
Судењето за предметот „Поткуп“ е одложено за 29 јануари следната година бидејќи предметот не е пристигнат од Апелацискиот суд кој сè уште не одлучил за жалбата за ПИ-мерките во овој случај.
Според обвинителството, Заев, во својство на службено лице, градоначалник на Струмица, од струмички бизнисмен побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, за кое бизнисменот бил заинтересиран да го приватизира. Во обвинението пишува дека една половина од парите требале да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.
Заев, пак, тврдеше дека цело време бил свесен дека лицето се обидува да го намести и поднесе кривична пријава против бизнисменот, но до денеска од неа нема ништо.
Совет од петмина судии на јавна седница ја разгледуше денеска жалбата на адвокатите на Заев. Еден од нив, Јаким Наумов, рече дека јавниот обвинител бегал и не им ја давал целосната снимка од ПИ-мерките.
„Ако не ни даде увид, како ќе може да го оспориме доказот“, праша Наумов. „Што е ова ако не е местена постапка? Употребиле агент-провокатор, но наредба за тоа нема, На сите медиуми и на ‘Сител’ посебно, се вртеа снимките од Заев, што е нарушување на неговото право на приватност и право на фер судење“, рече адвокатот Наумов.
Адвокатот Ване Андреев истакна дека агент-провокаторот на Заев му ѕвонел во ноќните часови и го провоцирал со прашања за да го намести.
Обвинителот од Вишото јавно обвинителство, Јован Цветановски, рече дека доказот со ПИ мерката за Заев е прибавен законски, дека наредбата за снимање постои и не е доказ во постапката. Тој побара од судот жалбата на адвокатите на Заев да се отфрли и снимката на „Јутјуб“ позната како „Едно евро за Вицето“ да биде доказ против Заев.