Иванов: Потребно е помирување во земјата, а не политички реваншизам и лична одмазда

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во своето годишно обраќање во Собранието зборуваше за политичката криза во земјата, случувањата од 27 април, за неопходните реформи, геополитичките случувања, илегалната миграција и сајбервојувањето, за односите со седите на Македонија, прашањето за името, проблемите со загадувањето, состојбата во медиумите, законот за јазиците и за други прашања.

 

Тој најпрво се осврна медиумите кои ги искритикува дека биле заробени, а преку лажни вести и објави на социјалните мрежи, сакале да го искриват неговиот имиџ.

 

„Загаден е јавниот и медиумскиот простор. Никогаш порано вистината не била толку заробоена. Влијаат лажни вести и Интернетот. Главните актери, преку лажни вести влијаат врз луѓето. Наместо да ја прочитаат главата 7 од Уставот, некои се обидуваа да наметнат лажна слика за мене дека сум планирал да прогласам вонредна состојба. Лажните вести, гласините – вршат ерозија врз институциите. Генерирањето и емитувањето на лажни вести на медиумите и на социјалните мрежи без мониторинг, е основа за тензија и конфликт. Треба да сносат одговорност сите кои генерираат лажни вести“, рече Иванов

 

Иванов истакна дека треба да се внимава правдата да не се сведе на политички реваншизам и лична одмазда, бидејќи одмаздата води кон нова одмазда.

 

Неопходно е да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и права кои мора да се почитуваат – правото на одбрана, имунитет и пресумпција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија“ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања“, истакна претседателот Иванов.

 

Иванов додаде дека мора да ја вратиме културата на политички дијалог и дека лидерите на власта и опозицијата треба да имаат нормална меѓусебна комуникација во интерес на граѓаните и во интерес на државата.

 

„Сме имале и ќе имаме промена на власта. Но не смееме да имаме политички прогон и реваншизам што неминовно завршува во нов идеолошки монизам. Наместо политички прогон, освета и реваншизам, нам ни треба помирување. А за тоа помирување се потребни три нешта. Прво, законски решенија за обнова или преиспитување на постапките во судските случаи за кои има основани индиции за серозно кршење на човековите права. Второ, утврдување на граѓанска и кривична одговорност кон оние кои политички монтирале случаи. И, трето, отстранување на генераторите на кризи со цел враќање на доверба на граѓаните во институциите на државата“, рече Иванов.

 

Тој исто така посочи дека единствен начин Македонија да се врати во нормала е ако час поскоро влезе во НАТО и добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи