ВИДЕО: Презентиран јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ за учениците од сите основни и средни училишта

Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Министерството за образование и наука денеска во големата сала на Општина Прилеп организираа инфо – сесија на која беше презентиран новиот јавен повик насловен како „Предизвик за млади истражувачи“. На настанот присуствуваа градоначалници, директори и професори од основните и средни училишта од општините кои припаѓаат на Пелагонискиот плански регион.

 

Во овој проект се вклучени сите основни и средни училишта на територијата на Македонија, со цел потикнување на креативно размислување, иновација и наука помеѓу учениците.

 

 

„Со овој јавен повик сакаме да ги вклучиме основните и средните училишта од целата територија на Македонија, а мотивот и целта се да се поттикне креативното размислување помеѓу учениците и наставниците, да воведеме еден нов метод на иновација, да ги поттикнеме самите ученици малку да размислуваат во насока на иновација, инвенција и креативност. Овој предизвик го органзираме заедно со Министерството за образование и наука, со вкупен буџет од 1.500.000 денари. На овој јавен повик „Предизвик за млади истражувачи“, може да учествуваат проектни тимови составени од наставници и ученици од 1 до 2 наставника и од 3 до 7 ученици. Истражувачките проекти треба да се однесуваат на природните и техничките науки, да се основаат на научен метод, да вклучуваат формулација и потврда на хипотеза по пат на експеримент и набљудување. Очекуваме проекти кои ќе имаат видливи резултати. Во форма на истражувачки есеј, аудиовизуелен материјал, дигитален материјал и слично. Рокот за апликација на овој проект е до 15 февруари следната година, а аплицирањето започна на почетокот на декември“, истакна Неда Икономова Гавриловска, претставник од Фондот за иновации и технолошки развој.

 

Икономова потенцираше дека прво наградениот проект ќе добие 300.000 денари, а значајно било и тоа што наставниците што ќе бидат лидери на тимовите ќе добијат и финансиски средства во вредност од 30.000 денари кои што понатаму можат да ги искористат за истражувачка дејност.

 

Директорот на прилепската гимназија Диме Настески истакна дека со овој проект ќе се развие желбата за истражување и ќе се стимулира напредокот во повеќе научни области на учениците.

 

„Како директор на гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп го поздравувам овој потег на Фондот за иновации и технолошки развој бидејќи тоа ќе биде уште еден предизвик за нашите ученици да се докажаат во областите од природните и техничките науки со проекти кои мислам дека ќе бидат доста иновативни и со кои ќе се придонесе да се развие желбата и да се стимулира напредокот во овие области на сите ученици. Мислам дека оваа идеја ќе биде добро прифатена од сите ученици и професори од гимназијата“, рече Диме Настески, директор на гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп.

 

После пријавувањето се очекува проектите да бидат реализирани за околу 6 месеци и потоа ќе бидат одбрани најдобрите. Комисијата за избор ќе биде составена од член на Министертсвото за наука и образование, Фондот за иновации и технолошки развој, од Бирото за развој на образованието и плус три експерти од техничките и природните науки.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи