Иџет Мемети: Приведувањето на пратениците беше незаконско

Facebook
Twitter
Email
Print

Со приведувањето на пратениците кои учествуваа во крвавиот четврток, повредено е правото на пратенички имунитет и пресумпцијата на невиност – констатира народниот правобранител Иџет Мемети.

 

Постапката Мемети ја започнал по претставка потпишана од 33 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со која се бара од него да испита дали се прекршени правата на пратениците. Екипа на Народниот правобранител ги посетила притворените во затворот Шутка каде Мукоски, Арнаудов и Пешевска тврделе дека пред полицијата покажале легитимации, се повикале на пратеничкиот имунитет, но сепак биле приведени.

 

„Неспорно констатираме дека при приведување на пратениците и нивното лишување од слобода, е повредени правото на пратенички имунитет, утврден од уставот и деловникот на собранието, на начин што полициските службеници не се придржувале до правните процедури определени во правилникот за вршење на полициски работи“, вели народниот правобранител.

 

Според дел од правниците пак, пратениците кои ги отворија собраниските врати на 27 април биле затечени во вршење на делото и според нив, не било потребно симнување на пратеничкиот имунитет за нивно приведување. Сепак, Мемети стои на ставот дека постапувањето на полицијата го прекршило правото на имунитет на пратениците.

 

„Се работи за прекршување на членот 19. од Правилникот за вршење на полициски работи во кој се вели дека доколку лицето покаже статус со кој му се дава имунитет, не смее да биде приведено“, вели Мемети.

 

Запрашан зошто во минатото не реагирал во слични ситуации, Омбудсманот се пожали дека во минатото ниту една од институциите не соработувале со него, а во исто време ја пофали МВР дека за конкретниот случај веднаш му била дадена целосната документација. Мемети дополнително истакна дека до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, била доставена и препорака со која се бара да спроведе целосна постапка за испитување на начинот на постапувањето на полициските службеници, а од Спасовски побарал да утврди и одговорност за прекршителите на правата на пратениците.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи