Ципрас оптимист за спорот со името, но бара дела, а не зборови

Грчкиот премиер,  Алексис Ципрас вели дека е оптимист за прашањето за името, но дека очекува конкретни чекори од македонската страна.

 

„Оптимист сум дека можеме ефикасно и одговорно да управуваме со прашањето кое го наследивме од претходните Влади. Сѐ додека од другата страна навистина постои желба да се направат чекори, останува да го видиме тоа, верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација“, вели Ципрас.

 

И покрај тоа што го потенцираше неговиот оптимизам, сепак, додаде дека потребни се дела и опипливи резултати, а не зборови.

 

„Во надворешната политиката секој треба да биде воздржан, да не зборува многу, повеќе ги преферирам делата, отколку зборовите“, рече грчкиот премиер.

 

Ципрас ја отфрли можноста за распишување на предвремени избори во Грција оваа година. Тој вели дека неговата Влада ќе го искористи четиригодишниот мандат.

 

За потребата да се најде решение на спорот со името, како доказ во пракса дека постои волја од македонска страна, деновиве говореше и поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу, во интервјуто за грчкиот весник „Етнос“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien