Регулаторната комисија за енергетика ги објави платите на седумината комесари кои ги утврдуваат цените на горивата што ги плаќаме како и цените на регулираната тарифа за електрична енергија што ја плаќаат граѓаните.
Најголема месечна нето плата има претседателот на РКЕ, Димитар Петров и неговата месечна нето плата изнесува 97.114 денари односно 1.570 евра. Петров ќе биде претседател до ноември 2020 година.
Неговиот заменик Куштрим Рамадани, дипломиран машински инженер, има месечна нето плата од 91.276 денари односно приближно 1.480 евра. Неговиот мандат истече во декември лани.
Петмината членови на РКЕ имаат месечна нето плата од 88.774 денари односно 1.435 евра. Нивната месечна плата е 4 пати повисока од просечната македонска нето плата. Тие се Видан Кулески, дипломиран електроинженер кој е член во два мандати и актуелниот му истекува во ноември 2020 година, Светлана Јаневска, дипломиран економист, која во два мандати е член на РКЕ и нејзиниот втор мандат истекува во февруари 2019 година. Елена Маркова-Велинова, електроинженер, за која пишува дека мандатот и траел до февруари 2016 година. Членови се уште Дејан Бошковски, кој е назначен во октомври 2016 година и за кого беше објавено дека е разрешен од Собранието минатата седмица и Енвер Ељмази, дипломиран правник, кој беше назачен во октомври 2016 година.
Просечната плата по вработен во РКЕ е 45.110 денари. Освен седуммината комесари во РКЕ се вработени уште 23 лица од кои 20 се во стручната служба, а 3 лица се помошно-технички персонал.