За да им врати 570 денари за укинатата радиодифузна такса, УЈП им бара на граѓаните да ѝ уплатата 300 денари

Facebook
Twitter
Email
Print

Граѓани од цела Македонија го затрупаа Народниот правобранител со претставки зашто Управата за јавни приходи не им ги враќа парите од радиодифузната такса, која во септември се укина, а тие предвреме ја платиле за цела година. Се работи за предвреме платени средства за месеците октомври, ноември и декември.

 

За 570 денари што треба да им ги врати на овие граѓани, УЈП ги уценува да поднесат барање со кое ќе уплатат задолжителна такса од 300 денари.

 

Надлежните од кај Омбудсманот Иџет Мемети отвориле постапки за сите претставки.

 

„Во врска со претставката поднесена од П. Ј.од Скопје, во која укажува на повреда на правата од страна на УЈП- РД Скопје, од каде, како што наведува бил условен за да поднесе барање за поврат на средства на име радиодифузна такса, прво треба да пополни барање со уплата на административна такса, во висина од 300 денари, Народниот правобранител се обрати до УЈП – Регионална дирекција Скопје. Имајќи ја предвид апсурдноста на дадениот одговор на УЈП – РД – Скопје дека обврзникот е должен при поднесување на барањето да уплати административна такса во висина од 300 денари, односно во конкретниов случај за да и бидат вратени 570 денари неосновано наплатени, подносителот треба да уплати 300 денари такса, беше остварена средба со одговорни лица од УЈП – РД – Скопје“, вели за една од купот претставки Зоран Билбиловски, државен советник кај Народниот правобранител.

 

Во текот на разговорот, кој се случил пред околу 3 недели, поточно на 19 декември, Народниот правобранител побарал да се разгледа можноста на обврзниците што неосновано им се наплатени парични средства, тие по службена должност да им бидат вратени, без притоа да бидат условувани со плаќање на административна такса.

„Од страна на претставниците од УЈП – РД – Скопје беше прифатена дадената сугестија со напомена дека ќе ја испратат до Генералната дирекција на УЈП и за конечниот став ќе го известат Народниот правобранител. Но, до денеска нема никаква известување“, вели Зоран Билбиловски.

 

Народниот правобранител забележува и дека оваа категорија граѓани се терани од УЈП заедно со таксата од 300 денари да пополнат и образец за поврат на средствата кој УЈП сама си го измислила, бидејќи таков образец во Службен весник на РМ не постои, т.е. никогаш не е објавен.

 

На 25 септември лани, шест дена откако беше укината РД Такса, Н.Н. од Скопје до Народниот правобранител поднел претставка бидејќи УЈП не само што го условила со 300 денари за да ги добие тие 570 денари што ги натплатил, туку реагира што ќе ги наплаќа и средствата за последните 10 дена од септември. Тој со пресметки му укажува на Омбудсманот како преку УЈП државата ќарува на грбот на граѓаните и со тоа едно евро, односно 60 денари што нејќе да им ги врати на тие што ја платиле сметката за РД Такса за септември.

 

„Претставката се однесува на Управата за јавни приходи и Македонската радио телевизија. Законот за изменување на законот за аудио и аудиовизуелни услуги, што ја укинува обврската за радио-дифузна такса кај граѓаните и фирмите, стапен е на сила на 20.09.2017. Оттука во последните 10 дена од месец септември обврска за РДТ не постои. Сепак УЈП и МРТ имаат издадено решение за месец септември 2017 на целиот претходно-пропишан износ за РДТ. Ако вака издадените решенија за месец септември се наплатат, тогаш тоа значи дека државата ќе наплати неосновано 1/3 од износот за РДТ или околу 60 денари. Под претпоставка дека 300.000 домаќинства добиваат решенија. Тоа се 18.000.000 денари, а тука треба да се додадат и решенијата што ги плаќаат фирмите“, пресметува подносителот на оваа претставка.

 

Извор: СДК

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи