ВИДЕО – Тркља : Угостителскиот објект „The Gallery House Pub“ ми беше запален поради рекет и изнуда на пари

Сопственикот на угостителскиот објект „The Gallery House Pub“ од Прилеп, Бисерко Тркља, кој изгоре на 31 декември денеска на прес конференција обвини дека пожарот во објектот бил подметнат поради рекет и изнуда на пари. Истакна дека пред подметнувањето на пожарот воопшто не се познавал со лицето кое го направило тоа. Н.Т. за прв пат му се јавил во 20 часот на 30 декември и му рекол дека сака да се видат поради некаков деловен разговор.

 

 

„За да нема шпекулации со лицето кое го запалило објектот во животот не сум имал ни визуелен, ниту било каков друг контакт. Никогаш не сме се виделе. Ми се јави вечерта околу 20.00 часот на телефон и рече дека сака да разговараме за некој бизнис. Јас му кажав дека нема да можам затоа што тогаш беше 30 декември и дека постојано сум на работа, му кажав дека може да се видиме на 2 јануари. Додека разговаравме телефонот ми беше пуштен на интерфон, бидејќи се подготвував за на работа, и за цела несреќа и жена ми и син ми го слушаа разговорот. Детево упорно инсистираше да се видиме тогаш, а јас му велев дека не можам до 2 јануари. Тогаш тоа ми се претстави дека се вика Никола, презиме мислам Трајкоски, на прекар Коколе, и ми вика дека од денеска на 20 до 25 мина секој ден морам во локалот да им чувам маса, да јадат и пијат без пари, дека сè ќе биде на мој трошок, дека чекал од важни луѓе дозвола да го рекетира цел град и дека повеќе ништо нема да биде исто. Дома настана хаос, јас почнав да викам по телефон, а тој ми рече дека за тоа што ќе ми ги запали и двата објекта воопшто нема да одговара. Му реков дека во 20 часот ќе слезам долу да видам кој е тој толку голем, маж што ќе пали објекти. Изнервиран му се јавив на командирот на полицијата, му кажав за оваа закана и тој тоа и го призна во своето сведочење“, изјави Бисерко Тркља, сопственик на обејктот „The Gallery House Pub“ .

 

Тркља обвинува и тоа дека судот не сакал на подметнувачот на пожар ниту да му издаде притвор сè додека не се заканил дека сè ќе објави на медиуми.

 

„Од полиција во судот е однесено сè. Прво од обвинителството не сакаа ниту да ме примат и по 7 дена од пожарот. Под закана и притисок дека сето ова ќе го изнесам на медиуми, ме примија за прв пат и му дадоа притвор. Пред тоа на сето ова зло и штета од над 200.000 евра не сакаше никој ниту да го стави во притвор. Е тоа се работи кај нас во судството. Пожарната единица гаснеше без исклучена струја, луѓево внатре ќе загинеа сè со цел за да не се запали целиот овој дел на објекти тука и штетата да не биде милионска. Денеска кога појдов во обвинителството ми рекоа дојди кажи колку е штетата и оди си. Како да си одам реков, јас сакам да предочам 10 сведоци кои ќе ви кажат дека станува збор за рекет и изнуда на пари. Тие ми викаат дека сè било случајно направено. Обвинителката во текот на разговорот не знаеше каде да гледа и два до три пати во разговорот ми викаше дека тоа е предизвикување на општа опасност. А има снимки дека лицето во 18.30 часот полни бензин на бензинска пумпа на „Макпетрол“ во шишиња. Значи со мене ниту сме се слушнале, ниту сме се познавале во 18.30 часот кога го полнел бензинот. Значи сè е смислено и нека не лажат тие што сакаат да го направат дека тој не бил во ред. Бензинот е турен пред настанот, сè е смислено и со умисла. И за изнуда за пари и за ред други работи. Па ако сакате сите од утре да ни го палат имотот кој сме го печалеле со години, бидејќи не даваме рекет на одредени личности, ајде да дозволиме, па судот нека решава така и нека се прават вакви работи. Ова зло повеќе не смее да се дозволи“, додава Тркља.

 

Сопственикот на „The Gallery House Pub“ вели дека не знае кој стои позади ова лице и кој го брани, но верува дека се ќе се дознае во најкраток можен рок. Тркља вели дека некој во судот сакал да го заташка целиот случај и дека ова не било случај на предизвикување на јавна опасност, туку чист случај на рекет и изнуда на пари. Според него штетата била над 200.000 евра.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи