На ранг листата на пасоши според бројот на држави во кои може да се отпатува без виза, Македонија се наоѓа на 46. место, чии граѓани можат слободно да патуваат во 112 држави.
Според Henley Passport Index (HPI), најмоќен пасош на светот е –германскиот. Имено, сопствениците на германски пасоши можат да патуваат во најмногу земји од светот без да извадат визи – дури во 177.
На второ место е Сингапур (176 земји), а третото место го делат Данска, Финска, Франција, Италија, Јапонија, Норвешка, Шведска и Велика Британија, чии граѓани можат слободно да патуваат во 175 држави. Американците без виза можат да патуваат во 173 земји, што ги става на петтото место.
Хрватскиот пасош е најслаб од сите земји-членки на ЕУ, според бројот на земји каде што сопствениците можат да патуваат без виза – според HPI, со хрватски пасош може да се посетат 155 земји без виза.
Најлошо рангиран е авганистанскиот пасош, чии државјани можат да патуваат без потребното одобрување во само 24 земји, а пред нив, на 103-то место е Ирак (27 држави), додека на 102-то место е Сирија (28 земји).
Од државите во регионот, најдобро рангирана е Грција, која е на седмо место, а Грците слободно патуваат во 171 земја, потоа Словенија, која е на 11 место (167 земји), Бугарија е на 20 позиција (156) Хрватска е на 21. место (155 држави), Србија е на 41. (119 држави), Црна Гора на 48. (110), БиХ на 51 место (105), Албанија е на 52. (100 држави) и Косово е на 96. место со можност без визи да се отпатува во 38 земји.