Владата најавува дека до крајот на јануари ќе се формира ново тело „Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за периодот 2017 – 2022“. Сѐ уште не се открива кој и колкумина ќе членуваат во новото владино тело, но со него ќе раководи премиерот Зоран Заев.
Минатиот месец Владата донесе одлука и за формирање на Совет за реформа на јавната администрација, со кој, како што беше најавено, ќе раководи, исто така, претседателот на Владата.
Од Владата велат дека се задоволни од она што го има сработено Советот за реформи во правосудството. Новоформираното тело, велат од Владата, ќе продолжи со имплементацијата на реформите.
„Сега следува новата фаза, фазата 9 од Планот 3-6-9 за имплементација на оваа стратегија. Преминуваме на наредната фаза. На вчерашната владина седница премиерот Заев ги информираше министрите дека до крајот на јануари ќе се формира нов Совет за следење на имплементацијата на стратегијата за правосудството за период 2017 – 2022“, истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Тој не ги коментираше оставките и обвинувањата на независните експерти.
„Работата во Советот е успешно завршна, се работи за врни професионалци. Целата Влада им е благодарна за нивната контрибуција. Што ќе се случува понатаму тоа е дискреционо право на министерот за правда, дали ќе продолжи Советот да функцира во советодавна улога“, додаде тој.
Инаку, пред да биде готова стратегијата за реформи во правосудството, од Советот оставка си поднесоа, извршниот директор на Хелсиншки комитет Македонија, Уранија Пировска, професорот Гордан Калајџиев и професорката Мирјана Најчевска.