Од 16 до 19-ти февруари, по 17-ти пат, во Прилеп ќе се одржи меѓународниот карневал „Прочка 2018“. Низ прилепските улици се планира да продефилираат околу 1.000 учесници, меѓу кои и гости од повеќе европски држави. Организатори како и секоја година се Општина Прилеп и здружението на граѓани „Прилепски мечкари“.
Претседателот на здружението на граѓани „Прилепски мечкари“, Ванчо Георгиев, вели дека низ годините наназад карневалот прераснал во респектабилна манифестација, која се вбројува меѓу најдобрите на Балканот.
„Локалната самоуправа останува главниот двигател на карневалот. Градоначалникот Јованоски ја прифати целата програма што му ја предложи здружението, што значи дека пред прилепчани ќе се претстават околу 1.000 учесници со повеќе од 100 маски. И оваа година, исто како и минатата, очекуваме над 300 гости од Италија, Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија и Албанија“, вели Георгиев.
На меѓународниот карневал „Прочка 2018“, прилепчани ќе можат да видат традиционални, современи и детски маски.
Пријавата за учество на годинешниот 17-ти меѓународен карневал „Прочка 2018“, како и повеќе информации за оваа манифестација на www.karnevalprilep.mk.