Пратениците во Собранието го изгласаа Законот за употреба на јазиците со 69 гласа „за“.
За законот за јазиците гласаа 69 пратеници и сите гласаа „за“ законот. Од другите етнички заедници, освен македонската, вкупно 27 пратеници гласаа „за“, а еден беше „воздржан“ за предлог законот за употреба на јазици. Беа поднесени 90 амандмани од кои 84 се од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од СДСМ и 2 од БЕСА.
Законот за употреба на јазиците предвидува низа промени во државата кои ќе имаат и финансиски реперкусии, како што е формирањето на посебна Агенција и Инспекторат, задолжени да ја надгледуваат примената на законските одредби.
Законот стапува на сила веднаш по објавувањето во Службен весник. Од тогаш па натаму сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик. Исто важи и за одлуките кои ќе ги носи Владата.
Покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.
Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.
„Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик ќе бидат напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо“, стои во член 8 од Законот.
На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите.
Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни. Освен на македонски јазик, содржината на веб страните кои ги модерираат централните институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, ќе биде објавувана и на албански јазик.
Законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.
Предлог законот предизвика остри дебати во јавноста. Реагираа и професорки од Институтот за македонски јазик, според кои одредени точки од предлогот се правно и суштински штетни за јазичната политика и за државните интереси на Република Македонија. И други експерти преку писма бараа повлекување на законот, оти, како што наведуваа, е неуставен и може да ја наруши хармонијата и кохезијата на македонското мултиетничко и мултијазично општество.
Указот за законот треба да го потпише и претседателот Иванов, по што ќе следи имплементацијата. Доколку Иванов стави вето, законот ќе се врати на повторно разгледување и гласање во Собранието.