Македонија денеска ја издаде шестата еврообврзница, а нејзината вредност изнесува 500 милиони евра. Рокот на достасување и е седум години, каматната стапка 2,75 проценти.
Од Министерството за финансии информираа дека ова било на историски најниска каматна стапка на една еврообврзница и дека побарувачката од инвеститорите за обврзницата била над 3,5 милијарди евра, седум пати повисока од понудата. Високата побарувачка овозможила да се постигне каматна стапка од 2,75% на годишно ниво, односно стапка на принос од 3%.
Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од евро – обврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG – кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари. За првпат е извршен и делумен предвремен откуп на постоечка евро – обврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка е 4,8 отсто и е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%.
Инаку ова ќе биде 6-та еврообврзница која ќе ја издаде Република Македонија. Првата ја издаде владата на СДСМ во 2005-та во висина од 150 милиони евра. Останатите 4 ги издаде Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2009-та се задолживме за 175 милиони евра, во 2014-та 500 милиони, во 2015-та 270 милиони евра и во 2016-та 450 милиони евра.
Преку еврообврзници Македонија досега се задолжи на странскиот пазар за две милијарди евра, милијарда и пол за главнината и уште 500 милиони за камати.