Наместо карго аеродром во Штип Турците ќе градат канализација

Facebook
Twitter
Email
Print

Средствата што турската компанија „ТАВ Македонија“ ги имаше предвидено за пропаднатиот проект за изградба на карго аеродром во близина на Штип ќе се пренаменат за јавни добра, во најголем дел за изградба на канализација, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

 

По долги години на испитувања се потврдиле сомнежите дека во близина на Штип не било изводливо да се гради нов аеродром за превоз на стоки поради силните ветрови. Сепак, тоа не ги ослободува ТАВ од обврска да ги потрошат планираните средства бидејќи во пакет ги добија концесиите за скопскиот и охридскиот аеродром.

 

„Ќе ги вложат во јавни добра, кои се од јавен интерес на граѓаните на Република Македонија. Во најголем дел ќе бидат за канализација, за проекти кои што Министерството за транспорт и врски веќе ги има распишано тендерите. Тоа се средства во висина од 45-46 милиони евра и се за посебен интерес“, изјави министерот Сугарески.

 

Претходно од раководството на ТАВ истакнуваа дека доколку не е возможно да се гради карго аеродром во Штип, тогаш парите би ги потрошиле во проширување на терминалот на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје или пак за потребите на охридскиот „Св.Апостол Павле“.

 

Во минатото имаше идеи карго аеродром да се гради во близина на Струмица поради поповолната клима и потребата од брз транспорт на раноградинарските и земјоделските производи, а исто така поранешните министри за странски инвестиции ја споменуваа и Битола како град кој има почетна инфраструктура за изградба на аеродром.

 

Исто така од ТАВ подолго време ја наметнуваат темата за национален авиопревозник за најголемиот македонски аеродром да биде целосно профитабилен и оперативен, но таквата идеја се уште се разгледува.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи