Општина Прилеп категорично ги демантира дезинформациите и спинуваните факти од страна на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, објавени на денешната прес конференција. Разбирливи се напорите на оваа партија која на локално ниво се бори веќе за членство да собира политички поени и натаму во популистички манир. Велат од Општина Прилеп во денешното соопштение кое доаѓа како реакција на прес конференцијата на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Оваа прес конференција е доволен повод да ја известиме јавноста за тековните активности на Општина Прилеп, за темите што о.к. на ВМРО-ДПМНЕ ги спинува.
Акцентираме! Додека поранешната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ со ексградоначалникот Марјан Ристески за 12 години ги маргинализираше, целосно, жителите на населбата „Три багреми“, новата власт од СДСМ, со градоначалникот Илија Јованоски само за 12 недели успеа да ги почне активностите за инфраструктурно уредување на населбата.
- Во тек е постапката за зајакнување на електро-мрежата, со што населбата ќе има квалитетно електро-напојување.
- Во тек се активности за изнаоѓање решение за подобрување на снабдувањето со чиста вода за пиење.
- Санирани се низа дефекти во водоводната мрежа.
- Граѓаните ја прибираат документацијата за легализација на нивните живеалишта, со цел што поскоро да почне постапката за урбанизирање на населбата.
Сè ова потенцираме само за 12 недели!
Спортскиот клуб „Победа“ во агендата на Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски ќе го добие местото што му припаѓа! Но, откако ќе заврши процесот на уништување што со години го поттикуваше раководството, кое што целосно го партизираше овој клуб, создавајќи долгови од околу 150.000 евра, со неисплатени плати на фудбалерите, вработените, со неисплатени обврски кон добавувачите, превозниците…
„Еурокомпозит“ е компанија со целосно државен капитал, што значи локалната власт нема никакви ингеренции. Владата во ноември преку Министерството за внатрешни работи на „Еурокомпозит“ му ги префрли ветените 10 милиони денари, со што на околу 270 вработени во фабриката линеарно им беа исплатени по 16.000 денари.
Сепак градоначалникот Јованоски лично се заложи, за што поскоро решавање на проблемите на овој загубар. Ова, имајќи го предвид фактот дека власта на ВМРО-ДПМНЕ и на локално и на централно ниво 12 години трошеше народни пари во сомнителни инвестиции, за коишто впрочем се водат кривични постапки, а Државниот завод за ревизија само во Општина Прилеп, евидентираше бројни незаконитости.
За недомаќинското работење на досегашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески потврда се долговите во Општина Прилеп евидентирани досега на 3.5 милиони евра.
Јавните претпријатија „Пазари“, „Комуналец“ и домот за стари лица „Киро Крстески- Платник“ со евидентираните долгови целосно го отсликуваат недомаќинското, несовесно, раскалашено работење на досегашните менаџери, кадри од ВМРО-ДПМНЕ, за што дополнително ќе биде известена јавноста.
Новата локална власт и градоначалникот Јованоски спроведуваат доследна кадровска политика со избор на квалитетни и одговорни стручњаци.
Што се однесува до спинот на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ дека градоначалникот Јованоски е „фокусиран на освета“, категорично информираме дека досега ниту донел одлука, ниту потпишал нечие решение за прекин на работен однос. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се обрати со барање до својот кадар, Марјан Ристески, за да добие одговор, зошто потпишал договори за услуги, чија сила по закон измина на 31.12.2017г.
Конечно, градоначалникот Јованоски од изутрината е интензивно посветен на работните обврски. Овој е негов прв работен ден, по годишниот одмор што го користеше од 09.01.2018г. до 16.01.2018г. овој месец, за што има изготвено решение.
Почитувани сограѓани,
Општина Прилеп секогаш транспарентно и отворено ќе известува за сите чекори во работата, за сите проекти коишто се реализираат чекор по чекор. Не само да ги спречи спиновите на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ, туку што е најважно, јавноста, сите граѓани да бидат информирани за бројните проекти на коишто интензивно се работи.“