Парламентот во Софија денеска едногласно го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија.
На прво гласање, законот беше усвоен едногласно од страна на 182-ца пратеници, а на второ беше поддржан од сите 186 пратеници.Според бугарските медиуми во салата присуствувал и македонскиот амбасадор на во Бугарија Маријан Ѓорчев.
Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по гласањето им се заблагодари на сите кои работеле на договорот во текот на изминатите години. Според нејзе, интерес на Бугарија е стабилна, демократска и пријателска Република Македонија.
„Нема зошто интересите на Бугарија да бидат поразлични од тоа да имаме стабилна и демократска Македонија. Сакам да ги смирам и оние што имаат задршки во однос на текстот на договорот, коишто се совпаѓаат со забелешките и на опозицијата во Македонија која до скоро водеше антибугарска кампања. Исполнувањето на договорот течеше и пред ратификацијата“, изјави Екатерина Захариева, министер за надворешни работи на Бугарија.
Во понеделникот македонскиот парламент со 61 глас и еден воздржан го ратификуваше договорот за добрососедсво. Инаку Договорот за добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Бугарија, беше потпишан на 1 август, ден пред Илинден.
Премиерите на двете држави Зоран Заев и Бојко Борисв го потпишаа договорот поради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедсвото, развивање на сестрани меѓусебни односи согласно меѓународното право. Според премиерите на двете држави и Заев и Борисов оценија дека Договорот ќе гарантира долгорочно градење на пријателски односи меѓу Бугарија и Македонија.