„Голем Козјак“ е марканта пропаст, која се состои од еден вертикален пештерски канал со длабочина од 115 м. и ширина која наместа достигнува и 20 м. Таа за прв пат била регистрирана во 60-тите години од минатиот век, од првата генерација на спелеолози во „Златоврв“, кои тогаш поради немање доволно опрема и искуство, се обратиле за помош до скопското Спелеолошко Друштво „Пеони“. Во неа пред неколку денови повторно беа членовите на спелеолошки клуб „Златоврв“ – Прилеп кои ни ги дадоа овие ексклузивни фотографиии.
„Немајќи прецизни податоци за нејзината локација, повеќе години се обидувавме да ја (ре)лоцираме, па пред околу пет години, благодарение на професорот по спорт Илија Ангелески, конечно ја најдовме и во 2014 организиравме наше истражување, користејќи ги модерните техники на единечно јаже. Оттогаш ја посетивме неколку пати, а овој пат им дојде ред да ја посетат и помладите членови на нашиот клуб, како дел од подготовките за учество на позначајни спелеолошки активности оваа година. Покрај тоа што посетата послужи за тренинг и стекнување на искуство, една од целите беше и да се обидеме да направиме неколку интересни фотографии од вертикалниот канал на Голем Козјак“, вели д-р Марјан Темовски, претседател на Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп.
ФОТОГРАФИИ ОД ПРОПАСТА „ГОЛЕМ КОЗЈАК“
Според Темовски пристапот до влезот на пропаста бил доста напорен, како резултат на големата угорнина, како и тежината на потребната спелеолошката опрема, која покрај спелеолошката облека, вклучува и јажиња, појаси, шлемови, карабинери и др. Па така целата акција која најчесто започнува рано наутро, обично се завршува со враќање доцна навечер.
„Овој пат, новогодишниот период беше доста сув, па условите беа добри да се стигне до влезот и во јануари. Посетата на пропаста е возможна само со користење на техниките на вертикалната спелеологија (техники на единечно јаже), а на длабочина од околу 40 м станува уште повозбудливо, каде поради формата на пештерскиот канал, се спуштате по јаже кое е прицврстено скоро на таванот, па надолу немате допир со пештерските ѕидови и делува како да се наоѓате во средината на едно огромно ѕвоно. Поради формата и димензиите на каналот, дури и моќните челни спелеолошки ламби кои ги користиме стануваат недоволни, па надолу не се догледува до дното. Сето ова ја прави посетата на Голем Козјак прекрасно искуство“, додава Темовски.
ФОТОГРАФИИ ОД ЈАНОА ПЕШТЕРА И ТЕМНА ПЕШТЕРА
Членовите на спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп во изминатиов период освен пропаста Голем Козјак новогодишниот период го искористиле и за посета на неколку карстни извори и пештери во поречкиот и кожуфскиот крај, каде, меѓу другото, направиле интересни фотографии во Јаноа Пештера 2 (Порече) и Темна Пештера (Мрежичко).
„Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп постои од 2011 година, кога спелеолошката секција од ПСК Златоврв (најстариот планинарски клуб во Македонија), прераснува во засебна организација. Оттогаш имаме организирано над 200 спелеолошки акции (истражувања, кампови, собири и сл.), детално сме измериле и картирале над 100 пештери, сме обучиле поголем број на спелеолози, сме учествувале на меѓународни истражувања и експедиции, а нашиот член Дарко Неданоски го држи рекордот за најголема длабочина на која се спуштил македонски спелеолог, спуштајќи се минатата година до длабочина од 950 m, како дел од спелеолошката експедиција во пропаста Словачка Јама (Велебит, Хрватска)“, истакнува Темовски.
Инаку пропаста „Голем Козјак“ и „Живовска Пропаст“ во Мариово, го делат епитетот најдлабоки пештери во Општина Прилеп, истражени до длабочина од 115 м. и тие се едни од уникатните подземни атракциии кои ги нуди овој крај.