Никој од власта не го праќа Законот за употреба на јазиците во Венецијанската комисија

Facebook
Twitter
Email
Print

На интернет страницата на Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа, засега нема ниту една информација дека некој од Македонија им пратил барање за советодавно мислење за Законот за употреба на јазиците. Последно нешто што е добиено во комисијата од Македонија е барањето од Министерството за труд и социјална политика за нацртот на законот за превенција и заштита од дискриминација.

 

Угледните правници, членови на Венецијанската комисија, на ова барање на македонското Министерство за труд испратено на 8 јануари ќе одговорат во март. Ако може да се заклучува според ваквиот распоред,тогаш ако утре некој од Македонија го испрати барањето за совет за Законот за јазиците, во најдобар случај одговорот би се добил во април. До 9 февруари е рокот кога Собранието, по ветото од претседателот на државата, пак треба да гласа за законот.

 

Премиерот Зоран Заев, уште во јули минатата година изјави дека „текстот на Законот за јазици кој беше искористен како алиби за нападот на Собранието на 27 април ќе оди на проверка во Венецијанската комисија. Тој на прашањето дали испраќањето на законот за употреба на јазиците во Венецијанската комисија значи и негово пролонгирање, рече дека „ако ова прашање се реши и се стави во архивите, ќе може да се работи на решавањето на економските проблеми. Законот за употреба на јазиците, кога Владата ќе го утврди, ќе го достави до Венецијанската комисија за мислење“.

 

Владата го утврди законот, го испрати во Собранието, пратениците го изгласаа, претседателот на државата не го потпиша указот… но никој сѐ уште не го праќа законот кај членовите на комисијата.

 

„Додека трае расправата во Собранието, ќе се добие препорака од Венецијанската комисија“, кажуваше претходно Османи и додаде дека и еврокомесарот Јоханес Хан барал Законот за употреба на јазиците да биде претходно оценет од Венецијанската комисија, па потоа на усвојување, со цел да се спречи можноста законот во иднина да биде оспорен пред Уставниот суд.

 

Лани во декември, во тек на собраниската расправа за законот, и шефот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев изјави дека амандманите на неговата партија ќе станат дел од законот откако тој ќе биде донесен во парламентот и вратен од Венцијанската комисија. Законот за јазици со непроменет текст отиде директно на гласање на пленарна седница.

 

На 11 јануари со 69 гласа „ЗА“ беше донесен Законот за употреба на јазиците како дел од законите со европско знаменце. На оваа седница не присуствуваше опозицијата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. На 17 јануари претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека нема да го потпише указот за прогласување на законот.

 

Собранието сега има рок до 9 февруари да закаже нова седница на која треба да се разгледуваат забелешките на претседателот и пак да се гласа.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи