Тимоние: Има простор за подобрување на законот за јазици

Facebook
Twitter
Email
Print

Има простор за подобрување на текстот на Законот за употреба на јазиците. Се работи за многу комплициран текст. Не верувам дека законот може да биде причина за нови меѓуетнички тензии во општествотo, вели францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние, во неделното интервју за Радио слободна Европа.

 

„Мислам дека не сум единствениот што го не успеал да го разбере законот за јазици, бидејќи се работи за многу комплициран текст, барем во однос на неговата содржина, но и на последиците. Од друга страна, да бидам целосно искрен, постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно затоа што станува збор за разговори, ова е процес којшто сè уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, вели францускиот амбасадор.

 

Господине Тимоние, веќе девет месеци Македонија има ново раководство. Како ја оценувате работата на новата власт во делот на спроведување на итните реформски приоритети?

 

„Македонија се обврза уште од пред девет месеци на патот повторно кон евроатланска интеграција и тоа го прави според една амбициозна агенда. Таа агенда беше важен дел од работата за повторна реинтеграција што македонската Влада ја спроведе последниве месеци. Се разбира дека во нејзините изјави и таа агенда има дел и од јавната дипломатија и тоа е многу важно за да може тој дел да постои, затоа што последните години постоеше вистинска потешкотија во однос на сликата за земјата и впечатокот беше дека повеќе назадуваше отколку што напредуваше. Најважното е да се зачува патот на тие реформи, но можам да кажам дека сме задоволни од намерата којашто е искажана од новата влада. Сега доаѓа фазата на нивно спроведување. Се разбира тоа е најсложениот дел од работата, затоа што беше изгубено големо количество енергија последните години, особено поради кавгите внатре и поради намалувањето на ентузијазмот кај голем дел од администрацијата затоа што или го работеа тоа што го работат или назадуваа. Ви претстои многу работа, Франција е на ваша страна за сите тие теми, еден француски експерт е дел од кабинетот на вицепремиерот Бујар Османи, се работи за експерт од високо ниво и ете тоа е нашиот начин за да ви докажеме дека сме подготвени да ви помогнеме во техничкиот дел.“

 

Реформите во правосудството остануваат една од клучните области на која мора да работиме. Сепак, дел од правните експерти го напуштија Советот за реформи. Дали тоа фрла сенка во определбата на власти да го реформираат правосудниот систем според забелешките на Прибе?

 

„Ако има една област во којашто јас почувствував дека Македонците како и ние имаат силни критики, тоа е токму правосудниот систем, затоа што тој е огледало на едно општество, но исто така и огледало на еден политички систем и прави резиме на сите потешкотии. Потешкотиите на македонскиот систем се познати, затоа што постои претерување на политиката во правните одлуки, но исто така и сфаќање на правосудниот систем којшто е доста партизиран, но исто така постојат и компетентни судии коишто имаат огромни познавања, но сепак нивната искористеност последниве години покажува дека се случува вистинско дисфункционирање во системот. Од друга страна, ќе кажам дека по една политичка промена веројатно се случуваат и промени во судскиот систем. Имајќи ги пред сè локалните обичаи, тоа и не треба да претставува ризик за да може судскиот систем да биде искористен од страна на новите власти како што беше искористен од страна на претходните власти, затоа што тоа е предизвик со кој се соочува секоја влада“, кажа амбасадорот.

 

Како ја оценувате одлуката на опозицијата да ја бојкотира работата на Собранието? Дали тоа може да нè воведе во нова политичка криза од која едвај излеговме?

 

„Опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ, вели дека пишува нова страница со изборот на новото раководство, се разбира очекуваме и одблиску ќе го следиме сето тоа. Јас имав средба со новиот претседател и кај него забележав дека тој дава своевиден приоритет на евроатлантската интеграција. Треба да се поздрави фактот што ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа на обраќањето на генералниот секретар на НАТО. Тоа се гестови коишто се важни зашто покажуваат единство кај македонското општество за постигнувањето на големите цели во земјата. Без да сакам да давам совети и да се мешам, мислам дека ќе треба од секоја страна да се направат чекори кон другиот, затоа што постојат можности во рамки на Собранието. Ќе кажам дека господинот Џафери покажува голема трпеливост и желба во начинот на функционирање на собранието и голема објективност од негова страна и добивам впечаток дека постојат сили во рамки на собранието и кај опозицијата и кај мнозинството коишто сакаат нормализирање на односите.“

 

Последните пораки од грчка и македонска страна се оптимистички, во насока на брзо решение на долгогодишниот спор во следните неколку месеци. Очекувате ли затворање на прашањето кое претставува главна пречка за македонските евроинтеграции?

 

„Сите со голем интерес го следат белиот чад кој излегува, како кога се избира папа. Станува збор за процес којшто е многу долг и не може да го решиме за два дена, затоа што постои процес којшто е отворен 25 години. Беше постигнат забележителен напредок и сега тој напредок треба да се искористи. Морам да кажам дека новата Влада даде сè од себе за подобрување на односите со Атина. Забележавме дека и грчките власти исто така покажаа дух на отвореност, којшто е нешто ново нели, за создавање на поинаква клима, бидејќи нели за танго се потребни двајца, а и со самиот факт што е постигнат договор за да се најде решение, тоа е нешто што само по себе е позитивно. Од друга страна, пак, тоа изолирање, кое што е ономастично за Македонија, повеќе не е одржливо, особено не на долгорочен план, и мислам дека постои генерална согласност кај меѓународната заедница за да мислиме дека е неопходно решение, затоа што не можеме повеќе да прифатиме дека таа блокада би можела постојано да се повторува, затоа што тоа не е добро и за европската изградба и генерално за безбедноста на Унијата, и сега се наоѓаме во период во којшто, најверојатно, од секоја страна има вистинска добра волја.“

 

Законот за употреба на јазиците ја подели јавноста во однос на оправданоста од негово донесување. Дали законот може да биде причина за нови меѓуетнички тензии во општеството?

 

„Ми поставувате мошне тешко прашање, затоа што уште од првото објавување на текстот, јас се обидов да го прочитам и да го разберам и мислам дека не сум единствениот што го направил тоа и не успеал да го разбере, бидејќи се работи за многу комплициран текст, барем во однос на неговата содржина, но и на последиците. Од друга страна, да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно затоа што станува збор за разговори, ова е процес којшто сè уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам. Потоа ќе следи процесот на спроведување, а вашето прашање е одлично од таа гледна точка. Не треба тоа да стане причина за меѓуетнички раздор и мислам дека по реакциите од албанската заедница и другите заедници забележувам дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон којшто е многу сложен и најверојатно има важно симболично значење за албанската етничка заедница и ќе треба да се земе предвид.“

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи