Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Томас Герберих, денеска престојуваше во официјална и работна посета на Прилеп. Во својот престој во Прилеп, амбасадорот го посети СОУ „Ѓорче Петров“ каде амбасадата донираше опрема за кабинетот по биологија, а го посети и домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ каде амбасадата донираше индустриска машина за перење на алишта. Вкупната донација изнесува околу 12.000 евра.
Амбасадорот Герберих рече дека Македонија и Германија долги години соработуваат на полето на политиката, културата и економијата, но нему како на нов амбасадор на СР Германија во Македонија, важно му е да оствари соработката и со општините.
„Мојата сопруга и јас веќе 5 месеци сме во Македонија и сметавме дека е вистинско време да патуваме низ државата со новата Влада и новите реформи, чиј пат ние би сакале да го поддржиме. Градоначалникот ме информираше околу актуелната ситуација и сметам дека од тоа произлегоа почетни точки на кои што во иднина би можеле да соработуваме. Амбасадата од средства на Сојузното Министерство за надворешни работи поддржува мали проекти. Минатата година во Прилеп имплементиравме два, коишто денеска свечено ги примопредадовме. Тоа се кабинетот по биологија во средното медицинско училиште и индустриска машина за перење алишта во домот за стари лица“, потенцираше амбасадорот Герберих.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, го запознал амбасадорот Герберих со состојбите во градот, со преземените активности од денот на неговиот избор за градоначалник, како и со проектите кои Општина Прилеп планира да ги реализира во тековната година.
„Амбасадорот на СР Германија, Томас Герберих, се интересираше за состојбите во нашиот град, за водоснабдувањето, загадувањето на воздухот, за функционирањето на стопанските субјекти. Со амбасадорот разговаравме за генералната состојба во општината, се договоривме за начинот на кој што наредниот период ќе се одвива нашата соработка. Г-нот Герберих ја искажа подготвеноста на германската амбасада да помогне во оние области, каде што на општина Прилеп ѝ е најмногу потребна помош“, изјави градоначалникот Јованоски.