Марсио Мизаел Матолијас од бразилскиот град Рио де Жанеиро, веќе 22 години живее во својот дом направен од песок, „замок“ што тој самиот „го подигнал“ на плажата Бара де Тижука. Бразилецот исто така си направил и круна, за целата приказна да биде што пооригинална и целосна.
Матолијас е самец и нема деца. Се дружи со луѓето посетители на плажата и ужива голема почит меѓу нив. Така, на крај мештаните го нарекле и „Крал“. „Кралот“ секојдневно без проблем се фотографира со туристи пред својот замок и како што самиот истакнува, тоа му причинува големо задоволство.
Освен што ужива во животот на плажа, тој чита книги, игра голф и се занимава со риболов за да преживее. Со задоволство позира пред дворецот кој константно мора да го доработува бидејќи песокот поради големите горештини брзо се суши и руши. Овој Бразилец поправките на својот дом ги врши сам, поливајќи ги ѕидовите на дворецот со канти вода. Честото “реновирање” не го загрижува и гордо истакнува дека не сака да го менува начинот на живот.
“Пораснав во заливот Гуанабара и секогаш живеев на плажа. Луѓето добро плаќаат за да живеат покрај океанот, а јас немам никакви сметки и вака ми е сосема добро”, вели Марсио.
Неговиот дворец се наоѓа на плажа во чија околина недвижнините достигнуваат огромни цени, а во него има и просторија од три квадратни метри која е целосно исполнета со книги. Единствено што му пречи е што песокот ја задржува топлината на сонцето, па навечер тешко спие.