Почитувано раководство на Општина Прилеп, повторно се заплеткавте во сопствената пајажина. Дали сериозно си верувате во Вашите изјави, камења фрлани по претходниот Градоначалник на Општина Прилеп Марјан Ристески, и претходните Директори на Старски Дом – Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски? Дали очекувате судска разрешница за неосновани клевети ? Истакнаа на денешната прес конференција од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Имено, со самото Ваше доаѓање на функција, ја обвинувате претходната директорка на Старски дом за несовесно работење и недоволен ангажман на работното место, по што изјавувате дека домот за Стари Лица е во добри хигиенски услови по донацијата на машина за перење од Германската Амбасада во Република Македонија, се разбира за време на нивната посета на Општина Прилеп во текот на вчерашниот ден.
Зарем не мислите дека треба да видиме ваши резултати, пред да си ги китите перјата со проектите на претходната власт? Ја потценувате интелигенцијата на граѓаните на Општина Прилеп.
Почитувани, објаснете им на граѓаните на Општина Прилеп кој директор на Старски Дом ја обезбеди донацијата, за Вие денес да ја добиете.
Бидете фер и кажете јавно дека Ирена Стерјовска Локвенец за само две години од нејзиниот незаконски прекинат мандат, ги искористи своите менаџерски и човечки способности и даде максимум од себеси за домот за стари лица да оди по нагорна линија во корист на неговите штитеници.
Знаете, лошите намери се како бумеранг, особено ако се наменети за лица кои без грижа на совест можат да си го погледнат одразот во огледало.
Ве повикувам сериозно да ја разгледате ситуацијата со обвинетите во врска со Старскиот Дом „Киро Крстески – Платник”, и да размислите до каде ќе одите со лагите и празните обвиненија.
Ве замолувам, нареден пат размислете дали вреди за неколкугодишна власт да ги манипулирате граѓаните на Општина Прилеп за цена на угледот и достоинството на чесни луѓе“, рекоа од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.