Која пародија сме од држава ни нема рамни. Не сме способни ниту да си купиме една обична машина за перење на алишта. Вчера германскиот амбасадор ја презентираше донацијата на амбасадата во Домот за стари лица во Прилеп која се состоеше во индустриска машина за перење на алишта вредна 8.000 евра.
Замислете една Општина Прилеп не е способна години наназад да обезбеди мизерни 8.000 евра за да се перат алиштата на штитениците на Домот во современа машина и сега мора да чекаме донација за тоа. Дали има поголем срам од ова ? Па уште локалните власти и гордо се сликаа покрај машината. Ќути што не беше завиткана во црвена панделка или пак да им текнеше заеднички да го приклучат штекерот за струја, онака за официјален старт на перењето.
Секоја чест на Германците што им текнало на нас дека не сме способни ниту една машина да си купиме па ни ја донираа. Но не требаше да ни донираат машина за перење на алишта, туку машина за перење на срамот и нашата мизерија.
Колку милијарди евра, наши пари, грантови и разни донации, се онака поштено потрошени за сите овие 27 години независност на разно разни глупости од кои никој во оваа држава нема буквално никаква корист или пак се украдени, а гледаме дека секој ден институциите се соочуваат со елементарни проблеми за нивно нормално функционирање, на пример како овој банален пример од немање на машина за перење на алишта.
Истото се случува во буквално секоја државна институција, во секоја општина. Нема основни услови за функционирање и работење, нема опрема и средства. Болниците немаат лекови, медицински апарати, полицијата нема униформи, гориво за своите автомобили, војската нема оружје, чизми, храна, градинките немаат играчки и едукативен материјал за децата, училиштата немаат опремени кабинети за нормално европско образование.
Во Македонија има пари и тоа за доста пристоен живот, но за жал најчесто тие завршуваат во нечии џебови. Во Белизе, на Сејшелите, мејшелите и слични дестинации, каде одредени особи од Македонија живеат како Богови, а додека сите ние умираме за леб, лекови и други основни животни потреби.
Нашите богаташи и милијардери станаа мајстори за перење, но не за алишта, туку за пари.
Но, за среќа полека целиот валкан веш излегува на површина, веќе сите го гледаме. За жал колку и да се трудат него нема да го испере ниту една машина. И редно е некој во државава да одговара за тоа.
И ако сакаме да одиме напред, да бидеме европска нација, со европски вредности, ќе мора да ги земеме работите во свои раце, да си обезбедиме наши механизми и да започнеме сами да си ги переме нечистите работите, со наши машини, а не да чекаме други да го направат тоа за нас. Навистина редно е !