Гостин во емисијата „60 минути на Алфа Телевизија“ беше професор д-р Гордана Сиљановска Давкова каде што го изнесе своето мислење за законот за јазиците.
„Наместо „паблик хеаринг“ и редовна постапка, во Парламентот законот одеше по скратена постапка со европско знаме. И тогаш и сега на почетокот ќе кажам дека прекршена е деловничката постапка во Деловникот. Кога се работи за закони под европско знаме, односно закони со кои ја усогласуваме нашата легислатива со европската, се бара точно да се наведе директивата со која се усогласува законот, денот на донесувањето и потпис на министерот. Ако ги нема овие елементи, а ги нема, може да провери секој, тогаш Претседателот на Собранието е должен да му го врати законот на предлагачот и да го потсети дека според деловничките одредби, тоа е членот 136, мора најдоцна во рок од 15 дена да го дополни со бараните деловнички одредби. Тоа не беше сторено“, истакна Сиљановска Давкова.
Професорката Сиљановска Давкова потенцираше дека таа нема ништо против проширувањето на употребата на јазикот кој што го зборуваат 20%, а во овој случај станува збор за албанскиот јазик. Но како професор по Уставно право инсистира на владеење на правото.