Села не е убиен само затоа што напаѓачите мислеле дека веќе е мртов, смета обвинителството

Facebook
Twitter
Email
Print

Единствената причина поради која пратеникот Зијадин Села не е убиен е тоа што не давал знаци на живот, па сите мислеле дека е мртов, кажа јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Дарко Јакимовски, презентирајќи го обвинението за десетмината обвинети за убиство во обид на лидерот на Алијанса за Албанците на 27 април во Собранието.

 

Обвинителот нагласи дека доказите кои ги имаат за овој случај, ќе покажат дека обвинетите го сториле кривичното дело. Меѓу доказите на обвинителството се и фото албуми, видео снимки, вештачења и искази на сведоци. Со овие докази, додаде обвинителот, ќе се докаже што направиле обвинетите и како се случило Села да биде издвоен и притиснат во ќоше во Собранието.

 

Во својот воведен говор обвинителот Јакимовски додаде дека сите повреди на Села му се нанесени на главата, а најмалки две од нив се животно загрозувачки. Во текот на судскиот процес ќе сведочат и вештаци од Институтот за судска мефицина кои ќе го објаснат видот и карактерот на повредите на Села.

 

Адвокатите на обвинетите во нивно име се изјаснија дека тие не се виновни за кривичното дело за кое се обвинети. Дел од адвокатите кажаа дека нивните клиенти не нанеле повреди кои биле животно загрозувачки, а за дел од обвинетите дека воопшто не учествувале во нападот на Села.

 

„Мојот клиент Коста Делов не ги презел дејствија за кои се обвинува. Тој сакал само да се пофали на Фејсбук дека на 27 април бил во Собранието. Врз основа на тоа е покрената истрага“, рече адвокатот.

 

Сите обвинети се изјаснија дека се чувствуваат невини за делото за кое се обвинети.

 

Наредното рочиште за нападот врз Зијадин Села е закажано за 8 февруари. Тогаш како сведоци повикани од ОЈО ќе бидат и Села, вештаци од Институтот за судска медицина и двајца сведоци кои биле присутни во Собранието на 27 април.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи