Премиерот Заев денес изјави дека верува дека може да се најде национален консензус во функција на решавање на проблемот со името, а не во функција на негово блокирање или повтoрно одложување и додаде дека сега е моментот за да се реши ова прашање.
„Ние имавме информативен состанок, се дадоа сите можни информации, споделивме буквално сè што постои како информација кај мене и кај министерот за надворешни работи, а пред сè информациите ни дојдоа од Васко Наумоски кој што знаете е нашиот преговоарач за спорот со името. Изградивме една стратегија и јас презентирав како во иднина ќе настапиме. Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се јавно познати, тие ги соопштија и ги соопштуваат. Јас верувам дека сепак можеме да најдеме национален консензус во функција на решавање на овој проблем, а не во функција на негово блокирање или повторно одлужување. Сега е вистински момент да се реши ова прашање. Дебатата е отворена и за вакви прашања и треба да биде отворена дебатата и нека ја има, таа е здрава. Треба сите да знаеме дека можеме да го решиме проблемот, но може и повторно да не се реши проблемот и после тоа, како што соопшти еден ваш колега во една колумна, сонцето повторно ќе изгрее. Но дали ќе не огрее и дали ќе продолжи да ги грее нашите деца по белиот свет во другите земји. Одлуките се на политичарите. Секако, власта ја има најголемата одговорност, но јас сум убеден дека и Претседателот на државата, покрај извршната власт и опозицијата, заедно сите политички чинители во општеството ќе бидат мудри да изнајдеме решение кое ќе го сочува достоинството и дигнитетот на нашиот народ и нашата земја. Секако, важно е да внимаваме и на грчката страна, бидејќи можеби решението ќе биде прифатливо овде а нема за грчката страна или обратно, можеби ќе биде прифатливо за грчката страна, а нема да помине тука. Се надевам на мудра постапка, и апелирам за внимание на медиумите и на сите граѓани, дебатата треба да постои, но да се обидеме сите да изнајдеме решение на овој долгогодишен проблем.“
Во врска со референдумот, Заев истакна дека ставот на СДСМ е заедно со опозицијата да се изнајде решение за спорот со името и на крајот конечното решение да биде потврдено на реферндум.
„Еве уште еднаш ќе повторам, ставот на СДСМ е да се изнајде решение заедно со опозицијата и на крајот конечното решение да биде потврдено на реферндум. Тоа не е толку страшно, трагично или невозможно, реферндумот се организира согласно законите, во брза постапка. Ако застанеме сите, пред сè политичарите да ги соопштиме своите ставови, ќе му помогнеме на нашиот народ, а нашиот народ ќе излезе и ќе си го каже својот став. Ова е премногу суштествено прашање, но јас на оваа работа не гледам како на кочница или бариера, гледам како дополнителна гаранција за Република Грција дека конечно ова решение е трајно и конзистентно.“
На Нимиц, како што кажа, ќе му ги пренесат сите наши ставови со сите аргументации и додаде дека во тие ставови има грижа и за грчката страна, бидејќи, потенцира, цел ни е тоа да помине и во Грција.
„Од стратешки апсект, не се очекува да зборувам за деталите, зборувам од стратешки аспект, за да може да успееме во преговорачкиот процес. Мене ми е драго што заедно сите чинители во општеството усогласивме апект на наш пристап како Република Македонија во преговарачкиот процес и преминуваме во таа следна фаза. Пред медијаторот Нимиц ќе ги кажеме сите наши ставови со сите наши аргументации. Во нашите ставови и тоа како има грижа за грчките ставови за да гледаме што се случува и таму. Наша цел е тоа да помине и во Грција, верувам дека и на Грција, барем така беше презентирано пред мене од премиерот Ципрас, и е многу важно тоа решение да помине и во Македонија и на тој начин може да се најде решение. Да гледаме од позитивен аспект на сите овие случувања што се случуваат за Македонија, заради тоа што знаете дека ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, ќе добиеме и членство во НАТО, но ќе добиеме и живот. НАТО, ЕУ носат инвестиции, носат позитивни економски апсекти за граѓаните и се надевам дека сите ќе бидеме фокусирани пред се за интересот на граѓаните на Република Македонија и за Република Македонија.“