Грција во февруари ќе ѝ достави на Македонија 4 точки на нацрт договор кој, доколку биде прифатен, ќе стане основа за решавање на спорот и ќе треба да биде одобрен од парламентите, најавил шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за „ЕРТ“ пред неговата денешна средба со Нимиц.
Тој ја повторил неговата позиција дека преговорите за името вклучуваат седум прашања: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.
Освен познатото барање- име за севкупна употреба, грчките претставници очекуваат сложеното име да не биде преведувано на англиски јазик, односно да се користи кирилицата со промена на македонските лични документи.
„Во оваа спогодба ќе бидат вклучени сите теми што се отворени во врска со името. Посебно поглавје за иредентизмот, но и за темите што се однесуваат на иднината на земјата, за нејзината интеграција во меѓународни организации и позитивна агенда, како можат дополнително да се развијат нашите односи“, изјавил Коѕијас.
Грција не го прифаќа предлогот на Нимиц за постепено решение, и инсистира да не се дели во фази, да се промени и македонскиот Устав како гаранција, за некоја идна македонска влада да не може да го поништи договорот.
Официјална Атина оценува дека е создаден поволен момент за решение на долгогодишниот спор. Слично мислење имаат и Обединетите нации. Заменик -портпаролот на ОН, Фархан Хак смета дека може да биде постигнат напредок во решавањето на 25-годишниот спор меѓу Грција и Македонија за името, ако има компромис кај раководствата и народите на двете држави.