Од затворот во Прилеп со законот за амнестија ќе бидат ослободени 30 осудени лица

Со Законот за амнестија, кој беше донесен на 15 јануари, а стапи во сила на 26 јануари од КПУ затвор Прилеп ќе бидат ослободени 30 осудени лица, а на 85 казната ќе им биде намалена за 30%. Ова за Инфо Компас го потврди директорот на затворот Слободан Ристески. Во затворот моментално биле сместени 115 осуденици.

 

„Досега се ослободени 4 осудени лица, а до крајот на оваа недела очекувам да бидат ослободени сите 30 амнестирани. Тоа ќе зависи пред сè од тоа како ќе ги добиваме решенијата од судот. Со ова ќе се постигнe растеретување на затворскиот систем. Се надевам дека амнестијата ќе делува позитивно и дека осудените лица нема да го повторат кривичното дело. Исто така се надевам дека и внатрешната ресоцијализација во установата делувала позитивно врз формирањето на нивната личност“, изјави Слободан Ристески, директор на КПУ затвор Прилеп.

 

Во затворот имало вработено 39 лица,  а според Ристески недостасувале околу 10-тина лица.

 

„Дел од лицата вработени во затворот од претходната власт се навистина со несоодветна струка. Ни недостасуваат уште околу 10-тина работни позиции, немаме кувар, медицински персонал, референт за прием и отпуст, полициски службеници од машки и женски пол. Се надевам дека набрзо ќе бидат пополнети овие места за поефикасно функционирање на затворот“, додава Ристески.

 

Ристески истакна дека во затворот со години ништо не било инвестирано, ниту биле превземани било какви работни активности.

 

„За многу краток временски период успеавме да ја обновиме фармата која ја затекнавме само со 14 прасиња. Сега донесовме околу 100 кокошки, 6 грла на добиток, 20 кози, а за брзо време чекуваме принова, а исто така за краток временски период очекуваме да имаме околу 100-тина прасиња. Возобновен е возниот парк со две нови возила за спровод. Исто така изградена е комплетно нова патека до управната зграда“, потенциира Ристески.

 

Според него во иднина се очекува да бидат реализирани три капитални инвестиции за оваа установа, а тоа било асфалтирање на патот кој води до затворот во должина од околу 900 метри, реконструкција на внатрешната инфраструктура на затворот како и бушење на бунар за технолошка вода.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи