Предлогот за нацрт спогодба што го соопшти шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, позитивните и оптимистички изјави на Нимиц, и следната станица на медијаторот и разговорите во Скопје, се темите на кои грчките медиуми го ставаат акцентот по вчерашните активности на медијаторот на ОН во Грција
.
„Атина ја претстави нацрт спогодбата“; „Метју Нимиц во Скопје, со предлозите од Коѕијас“; „Нимиц: Време е за одлуки“; „Преговори без временски рок“; „Спогодбата в фокусот на разговорите на Нимиц и Коѕијас“; „Нимиц: сега е соодветно време за решение“ се само дел од насловите во грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина.
Новинарите кај јужниот сосед ги пренесуваат изјавите на медијаторот и шефот на грчката дипломатија по вчерашната средба и коментираат дека Нимиц од Атина заминува за Скопје, каде што ќе разговара за неговите, но и за грчките предлози и идеи.
„Задржувајќи ја доверливоста на содржината на разговорите, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас и специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, нивната средба во Атина ја карактеризираат како „креативна и продуктивна“, а јавно се согласија дека прашањето за името на ПЈРМ веќе е созреано кон решение“, пишува весникот „Нафтемборики“
„Се очекува Нимиц на раководството на ПЈРМ да му ги пренесе грчките предлози за решавање на името, додека, пак, ќе разговараат и за предлозите, односно како што самиот рече „неговите идеи“ за името“, пишува информативниот портал Ин.
За средбата на Нимиц со шефот на грчката дипломатија, реагираа од опозициските партии во Грција.
Од Нова демократија, како што вчера објави МИА, преку изјава на одговорниот за надворешна политика, кој се сретна со Нимиц, велат дека средбата не ја намалила загриженоста на партијата.
„Решението треба да биде едно и неделиво и да предвидува: прво, елиминирање на сите форми на иредентизам од соседната земја. Второ, име прифатено од Грците и трето усвојување на име за севкупна употреба и од сите. Очигледно е дека единствена гаранција за сѐ ова е промената на скопскиот Устав“, рече Јоргос Кумуцакос по средбата со медијаторот Нимиц.
„По повод посетата на господинот Нимиц и предлозите што ги соопшти Коѕијас, се покажува неопходно прифаќање на предлогот на Фофи Генимата за итно свикување на советот на лидерите на политичките партии под претседателот на државата“, на твитер реагираше портпаролот на ПАСОК, Павлос Христидис.
Од Комунистичката партија на Грција, велат дека изјавите на Нимиц се обид да ја „разубават ситуацијата во скопското прашање, а моментумот за решение не е ништо друго освен брзање за интеграција на соседната земја во НАТО“
„Во исто време се деградираат прашањата како она што се однесува на промена на Уставот и што претставува основа за хранење на иредентизмот и национализмот“, коментираат од грчката комунистичка партија.
За промена на Уставот говорат и од партијата Сојуз на централисти во нивното соопштение.
„Господинот Ципрас се подготвува за решение на скопското прашање со отстапување на зборот „Македонија“ во сложен облик, без промена на Уставот, ограничувајќи се на едноставните изјави на функционери од Скопје, дека немаат аспирации од Грција“, соопштуваат од Сојуз на централисти.
Од радикално националистичката Златна зора, упатуваат остри критики до Нимиц, но и погрдни зборови кон Македонците.
„Антигркот Нимиц, кој се осмели да ги нарече Македонци, е непожелен во Грција. Неговите предлози, што сите го содржат терминот „Македонија“ се непристојни и национално неприфатливи“, рече Илијас Касидијарис, пратеник од Златна зора.