ВИДЕО : „Колобаиса“ може да го стави „Маркови Кули“ на постојаната листа на заштита на УНЕСКО

Новооткриената населба „Колобаиса“ кај манастирот Трескавец нуди можност биогеографската целина „Маркови Кули“ да претендира да се внесе на постојаната листа на заштита на УНЕСКО. Тоа досега беше оневозможено поради девастираните културни содржини кои не можеа вистински да бидат валоризирани на просторот на населбата Варош и затоа „Маркови Кули“ моментално е ставен само на привремената листа на заштита на УНЕСКО. Инаку оваа целина „Маркови Кули“ се протега од населбата Варош кај Прилеп до Горно село и од селото Мажучиште до вештачкото езеро.

 

Според археологот Бранислав Ристески, кој беше раководител на проектот за истражувањата на „Колобаиса“ сега било важно ставањето во функција на веќе споменатиот биогеографски простор, кој што е веќе валоризиран со вредност на пошироки регионални рамки, бидејќи тоа е причината поради која се наоѓа на привремената листа на заштита на УНЕСКО. Едната димензија била природните вредности, а другата димензија културните вредности, односно сега имало симбиоза на природните и културните вредности и тоа она што му давало дополнителна димензија како вредност која треба да биде валоризирана во пошироки рамки за да претендира на постојаната листа на УНЕСКО.

 

 

„Со овие истражувања на Трескавец добивме дополнителен елемемент од аспект на културните содржини кои ни даваат аргументи да претендираме на постојаната листа на УНЕСКО со веќе потврдени и валоризирани содржи покрај оние кои ги имаме констатирано на просторот на Варош, Марковите кули, како доцно античката населба и средновековен Прилеп. Потоа материјалните остатоци на Баба, гробниците во Горно село, и цела низа други содржини вклучувајќи ја и онаа фаза на манастирот Трескавец од 12 век па се до денес. Сега имаме една дополнителна димензија на културните содржини која можеме да ја гледаме по две линии. Една од аспект на културниот комплекс Трескавец со своите содржини и втората поширокиот контекст биогеографската целина „Маркови Кули“. Се дава можност за развој на неколку димензии со истражувањата на Трескавец. Но за да може сето ова кое како теоретска и практична претпоставка веќе постои мора да се продолжат истражувањата по оваа линија. Едната линија е доистражување, реконструкција и конзервација на манастирскиот комплекс, а втората димензија е доистражување, реконструкција и ставање во функција на античките остатоци и на тој начин би се заокружиле содржините на културниот комплекс Трескавец. И сега доаѓаме до последната димензија што се вели културна експлоатација или ставање во функција низ призмата на тој туристички и културен туризам, со кој што можеме со полно право да претендираме, а посебно ако се валоризира, на нивото на постојаната листа на УНЕСКО“, изјави Бранислав Ристески, археолог.

 

 

Ристески потенцира дека во тек се работите за возобновување на опожарените конаци на Трескавец, каде станува збор за еден жив манастир и многу значаен пункт кој што ги имал потребните ресурси за сите облици на развој на туризмот и второ се работело интензивно на подготовка за реконструкција и ревитализација, на црквата, трпезаријата и магерницата, а истовремено пак во план биле активностите за целосно откривање на археолошките остатоци на античката населба „Колобаиса“. Со нивна делумна реконструкција и ставање во функција се заокружуваат целите за да овие инфраструктурни потенцијали бидат ставени во функција на тој културен туризам. Сето тоа се претпоставки за да претендираме за постојаната листа на УНЕСКО. Но за да се случи тоа што е можно побрзо според Риситески требало државата да биде поажурна и да реализира едно добро поддржана и осмислена акција.

 

„Претендирањето на оваа листа подразбира веќе валоризирање на овие вредности на едно повисоко општо ниво. Вредности кои ги надминуваат регионалните рамки. Овде станува збор не за време, туку за инвестиции, не во материјална смисла, туку државата како систем на организација од областа на културното и природното наследство и другите организациони сегменти на една држава. Доколку тие би се ставиле во функција на започнување на процес на валоризација на овој простор за постојаната листа на УНЕСКО, тој е многу краток период бидејќи одредени чекори се веќе направени со подготвувањето на драфт верзијата на менаџмент планот. Во оптек е и нова верзија на менаџмент планот како документациона основа за отпочнување на процесот. Веќе знаете дека постои закон за прогласување на „Марковите Кули“ за споменик на природата од 2005 година. Целиот тој систем на споменици на културата се валоризирани според постоечкиот закон на заштита на културното наследство, значи тие претпоставки постојат, битна е една интегрирана акција на повеќе фактори во државата, а можеби и иницирање на локалната самоуправа, кои би се ставиле во функција на оваа акција која може да се финализира за многу кратко време само доколку е добро целно водена. Добро осмислена и добро поддржана“, додава Ристески.

 

 

Инаку со истражувањата се докажа дека населбата „Колобаиса“ егзистирала во 3 фази. Првата фаза се поврзува со 2 век п.н.е. па се до почеток на 2 век н.е. Со текот на времето овие материјални остатоци биле во голема мера девастирани. Потоа една од најбележитите етапи од развојот на „Колобаиса“ е времето од крајот на 1, почеток на 2 век, па се до средината на 4 век каде егзистира една исклучително репрезентативна населба поврзана со култот на Аполон и Артемида. А последната етапа од егзистенцијата на Колобаиса се поврзува со доцната антика. Со времето од 4 до крајот на 6 век. Имено после едно темелно разрушување на постарата населба, поврзано најверојатно со варварски наезди, се возобновува населбата при што во средишниот дел од населбата се оформува еден форум каде што централно место завзема ранохристијанска базилика. Со откривањето на оваа базилика стана појасно дека во централниот дел на овој форум било јадрото, суштината врз која во 12 век се возобновува манастирот Трескавец.

 

 

Интересно е да се каже и тоа дека една дополнителна димензија во сето ова е фактот што во исто време со егзистензијата на „Колобаиса“, на ридот „Маркови Кули“ истовремено егзистира претпоставената населба „Керамија“ со многу слична структура како „Колобаиса“, а исто така во овој период синхроно егзистира и населбата на ридот Баба или Кукул. Значи имаме еден венец на одбранбен систем кој е дел од одбранбениот систем на северна Пелагонија.

 

Токму поради сите овие уникатни природни и културни карактеристики „Маркови Кули“ заслужува да бидие ставен на постојаната листа на заштита на УНЕСКО.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи