Во очекување на објавувањето на Стратегијата за Западниот Балкан на Европската Комисија, 12 земји-членки на ЕУ бараат од Брисел уште сега да им ги отвори портите на шесте држави од регионот.
Австрија, Чешка, Естонија, Унгарија, Ирска, Италија, Литванија, Летонија, Малта, Полска, Словенија и Словачка сакаат на годишните самити на ЕУ да учествуваат и лидерите на западнобалканската шесторка, се истакнува во документот во кој Ројтерс имал увид.
Во предлогот од 12 точки поднесен до Европската Комисија кон крајот на јануари годинава, ЕУ-членките бараат да им се дозволи на владите на земјите од Западниот Балкан да учествуваат на состаноците на ЕУ од областите на животната средина, здравството, транспортот и надворешната политика.
„Ова се бесплатни мерки кои ќе имаат извонредно политичко влијание и ќе бидат инструментални во подобрување на имиџот на ЕУ во регионот“, се наведува во документот, во кој исто така се повикуваат претставниците на владата на ЕУ почесто да го посетуваат Балканот.
Би требало да биде разгледано и укинувањето на трошоците за роаминг на мобилните телефони за околу 18 милиони граѓани на Западен Балкан.
Се бара и претставниците на ЕУ многу почесто да го посетуваат Западен Балкан.