Во Берлин денеска започна последната рунда од преговорите за формирање нова влада на Германија, односно се очекува да завршат маратонските преговори меѓу Социјалдемократската партија (СПД) од една и Христијанско-демократската (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) од друга страна за создавање голема владина коалиција, четири месеци по изборите за Бундестагот.
Германската канцеларка Ангела Меркел, којашто е и лидер на Демохристијанската унија побара компромис во финалната рунда.
„Живееме во турбулентни времиња. Како народни партии, од нас се очекува да формираме влада за доброто на луѓето. Влада која ќе биде стабилна и која постојано ќе создава услови за континуиран просперитет и безбедност во секоја смисла. Не смееме да заборавиме на ова кога зборуваме за малите и деталните прашања. Ова е за доброто на земјата и за тоа дали ЦДУ и СПД се во позиција да го најдат вистинскиот одговор во форма на владин состав“, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија и лидер на ЦДУ.
Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Мартин Шулц рекол оти очекува денеска да биде постигнат договор.
Досега двете страни ги усогласија ставовите за помош на младите семејства за сопствен дом, паричен надомест за секое дете, поголем фонд за клиниките и докторите во руралните области, проширување на интернет мрежата, и за годишен лимит меѓу 180.000 и 220.000 мигранти на кои ќе им биде обезбедено сместување во Германија. Партиите не можат да постигнат договор околу политиките за труд и здравствената заштита.
Преговорите меѓу конзервативците и социјалдемократите за формирање на влада, по изборите на 24 септември, минатата година, се најдолги од Втората светска војна.